Две групи лекови драстично ја намалуваат шансата од смртен исход од Ковид-19
Лековите за намалување на нивото на холестерол може да ја зголемат шансата за преживување при инфекција предизвикана од ковид-1 9 и да го намалат ризикот од развој на потешка форма на болеста, покажуваат новите истражувања.
Анализата на повеќе од 10.000 лица примени во 140 болници во САД открила дека статините, лекови за намалување на холестеролот, како и лековите за крвен притисок, ја намалуваат смртноста од коронавирусот за 40 отсто меѓу пациентите кои ги земале пред хоспитализацијата. Намалениот ризик од смрт бил поголем кај оние кои земале само статини (46 отсто), отколку кај пациентите кои користеле исклучиво лекови за висок крвен притисок (27 отсто).
Сличен однос на резултатите е и во поглед на напредувањето на болеста; луѓето кои биле лекувани со статини имале 25 отсто помал ризик од развој на тешка форма, додека оние кои земале лекови за притисок, имале 11 отсто помал ризик.
Предностите останале забележани дури и откако научниците го земале предвид консумирањето на другите лекови, здравствената состојба и другите податоци за пациентите, вклучувајќи го и нивното здравствено осигурување.
Позитивниот ефект од лековите е во тоа што тие можат да ги ублажат воспаленијата во телото кои често предизвикуваат тешки исходи кај заразените со коронавирус, тврдат истражувачите.
– На почетокот на пандемијата, нѐ интересираше дали лековите за лекување на кардиоваскуларни болести негативно ќе влијаат на заразите предизвикани од ковид-19. Откривме дека статините и лековите за лекување хипертензија (висок крвен притисок) не само што се безбедни, туку и дека можат да ги заштитат заболените од коронавирус, особено оние кои страдаат од хипертензија и срцеви болести – вели авторката на истражувањето д-р Лори Даниелс, професорка на Универзитетот „Калифорнија“.