По 20 години пауза, повторно чартер-летови Москва-Охрид
Една од најголемите руски авиокомпании „Нордвинд“ најави дека од 2022 година, по точно 20 години пауза, повторно ќе ги поврзе Охрид и Москва со чартер лет, двапати неделно.
Како што соопшти Агенијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), интересот на руските туристи е генерално насочен кон културниот и верскиот туризам, но во последно време доминира интересот за специјализирани кратки одмори, до 4 дена, во кои руските туристи би имале полна агенда. Ено-гастро туризмот е нешто за што веќе има интерес и резервации, а веднаш зад него е активниот туризам, посебно параглајдингот.
– По неколку обиди минативе години да се воспостави соработка на полето на туризмот и бројни посети на тур-оператори од Руската Федерација, со отворање на директната линија Скопје – Москва се отвара можност за соработка со еден од најголемите пазари. Она што е карактеристично за оваа авио-компанија се флексибилните авионски билети, опции за лојалност и распоредот на летови, што овозможува полесно движење на туристите кои сакаат да патуваат индивидуално, но и оние кои ќе одлучат тоа да го сторат со посредништво од туристичка агенција, наведува Агенцијата.