Кабинет за природни науки отворен во ООУ„Панко Брашнаров“ во Велес
Почетокот на новата учебна година им донесе Кабинет по природни науки на учениците во ова велешко училиште. Училиштето е мултиетничко. Во него учат ученици од македонска националност како и од турската и ромската етничка заедница. Кабинетот е опремен со нов мебел, инвентар и дидактички материјали коишто се очекува да придонесат за по квалитетен, современ образовен процес но и да ја поттикнат истражувачката работа на учениците.
Денеска, кабинетот беше промовиран од страна на Министерката за образование Мила Царовска, Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, претставничката на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија. Патриција Де Џинова.и директорката на училиштето Валентина Стефанова.
– Горда сум што започнавме со опремување со 265 кабинети по природни науки кои со години беа подзаборавени и во основното и во средното образование.Токму затоа ова е едно од првите училишта коешто доби современо опремен кабинет. Активно продолжуваме со инвестирање во образованието затоа што само така очекуваме прогрес. Сакам да истакнам дека во ова училиште имаме деца коишто се од социјално ранливи семејства, коишто имаат потреба од поддршка. И тоа го направивме. Имаат опрема, прв кабинет, таблети. Сметам дека на тој начин треба да работиме со изедначување на пристапот на образование за секое дете. Затоа што најранливите треба да добијат најмногу поддршка. И останатите секако за да ги изедначиме во трката за образование за секое дете во нашата држава, рече министерката Царовска.
-Ја користам приликата во име на Советот на Општина Велес и од мое име на сите првачиња да им го честитам почетокот на учебната година и на сите други ученички и ученици, на вработените во сите училишта да имаат многу успех и да им порачам да ги почитуваат заштитните мерки за да бидат безбедни во текот на одржување на наставата. Инвестирањето во образование и во знаење е најисплатлива инвестиција, посебно ми е мило што денеска министерката е во ова училиште. Кога ме прашаа од министерството во кое училиште да се инвестира во опремување на кабинетот по природни науки без размислување реков тоа да биде училиштето „Панко Брашнаров“. Ова училиште настана минатата година со спојување на две основни училишта и тука учат деца од македонска етничка припадност но и голем број деца од турска и од ромска етничка заедница, рече Градоначалникот Коцевски.
-Прекрасна глетка имав да видам утрово и тоа е нешто што го чекав 18 месеци. Гледаме дечиња во училниците и тие изгледаат многу среќни, носат маски и се подготвени да учат. Гледаме дека училиштето е подготвено, ги имаат испочитувано сите процедури, сите протоколи од министерството за здравство и согласно меѓународните стандарди. Училиштето не е само обична зграда, тоа е место каде што се случуваат пријателства кои траат цел живот, рече Ди Џовани.
-Сакам да изразам голема благодарност до министерството за образование и наука кое што ја препозна потребата од современи метод за изведување на наставата по природни науки и ни овозможи целосно реконструирање и опремување на кабинетот по хемија, се заблагодари Валентина Стефанова, директорка на ООУ „Панко Брашнаров“.
И учениците од прво до четврто одделение, на ова основно училиште, годинава, ќе учат по новиот концепт на министерството, од новите дигитални учебници кои се дел од реформските процеси во образованието.
Убавка Јаневска