Колев претседател на ВПР, Темелковска в.д директор на центарот за развој на ВПР (видео)
На рамномерен регионален развој ќе работи новиот совет на Вардарски плански регион, кој деновиве беше конституиран во Кавадарци. Градоначалникот на Велес, Марко Колев ја доби едногласната поддршка од градоначалниците во Вардарскиот регион, да го води советот на овој плански регион. Татјана Темелковска , е именувана за в.д директор на Центарот за развој на Вардарски плански регион. Таа доаѓа на местото на м-р Игор Андреев, кој досега ја извршуваше директорката функција.
„Беа донесени уште неколку одлуки, бидејќи согласно новиот закон за рамномерен регионален развој, во советот учествуваат и претставници од невладиниот и од приватниот сектор“ изјави претседателот на ВПР, Марко Колев и нагласи дека општините веќе имаат аплицирано неколку проекти, за кои очекува да имаат завршница, односно владата за нив да донесе одлука. Колев појасни дека се работи за проекти од програмата за рамномерен регионален развој, преку министерството за локална самоуправа. Очекувањата се овие проекти да се реализираат во првата половина на 2022 година.
Претседателот на советот на ВПР, Колев, истакна дека ќе биде насочен во неговиот едногодишен мандат на рамномерна распределба на проектите и финансиите за деветте општини во регионот.
Ангел Данов