Вакцинираните лица имаат 50 проценти помал ризик од долг ковид

Објавено на 16 декември, 2021 во 09:53

Студија објавена во престижното медицинско списание „Лансет“ од септември 2021, покажува дека целосно вакцинираните луѓе имаат речиси 50 отсто помала веројатност да искусат симптоми на „долг ковид“, споредено со оние кои не биле вакцинирани. Најчестите симптоми на долгиот ковид се екстремен замор, недостиг на здив, чувство на болка и стегање на градите, проблеми со меморијата и концентрацијата, инсомнија, срцеви неправилни отчукувања, вртоглавици и слично. Во земјата веќе се работи со пациенти со долг ковид на Клиниката за пулмологија,  а лекувањето некогаш продолжува и во Институтот за рехабилитација Козле. Компликациите може да траат од шест месеци до една година по заздравувањето

Пишува: Мирослава Бурнс

Вакцината против ковид-19 како најефикасно оружје за борба против смртноста, тешкиот исход и ризикот за хоспитализација на пациентите заразени со коронавирусот кои развиле клиничка слика, претставува и заштита од состојбата која вознемирува дел од пациентите во земјава и ширум светот, а се нарекува долг ковид.

Кај некои пациенти и покрај тоа што го прележале вирусот и добиле негативен ПЦР тест, сепак, последиците од инфекцијата продолжуваат понекогаш и со месеци. Долгиот ковид се манифестира со екстремен замор, недостиг на здив, чувство на болка и стегање на градите, проблеми со меморијата и концентрацијата, односно ,,магла во мозокот”, инсомнија, срцеви неправилни отчукувања, вртоглавици и слично. Меѓутоа, експертите и научните студии се децидни дека вакцинацијата против ковид-19, помага да се намали ризикот да се развие состојбата, а ако сепак тоа се случи, симптомите кај вакцинираните ќе траат пократко време.

Професорот на Медицинскиот факултет, доктор Драган Даниловски, посочува дека долгиот ковид е почест кај потешки форми на болеста, иако не се поштедени и оние кои поминале со полесни симптоми.

 Од друга страна, ковид кај вакцинираните е – во просек секогаш полесен, така што и постковид синдромот пропорционално е поредок, вели професорот за „Вистиномер“.

Слични одговори ни даде и претседателката на Здружението на лекари специјализанти, доктор Александра Георгиева.Таканаречениот долг ковид се однесува на траење на симптомите на ковид-19 неколку недели до месеци, откако засегнатиот пациент ќе закрепне од инфекција со тешкиот акутен респираторен синдром предизвикан од коронавирус 2 (Сарс Ков 2). Според Канцеларијата за национална статистика на Обединетото Кралство, околу еден од 10 луѓе кои биле заразени со Сарс Ков 2, доживува долг ковид (или пост-акутен ковид) неколку месеци по почетокот на инфекцијата. Вакцинацијата може да ја намали веројатноста за овие сценарија. Ако вакцината индуцира високи нивоа на антитела и Т-клетки способни да го препознаат Сарс-Ков 2, имунолошкиот систем би можел да го запре вирусот за време на неговите први репликации и со тоа да спречи истиот да воспостави скриени резервоари во телото, вели доктор Георгиева.

Доктор Георгиева додава дека студија објавена во престижното медицинско списание „Лансет“ од септември 2021 покажува дека целосно вакцинираните луѓе имаат 49 проценти помала веројатност да искусат симптоми на „ долг ковид“ споредено со оние кои не биле вакцинирани.

Професорот Тим Спектор кој го спровел истражувањето објавено во „Лансет“, вели дека инфекциите после две примени вакцини се поблаги.

Вакцините навистина ја менуваат болеста на подобро. Ги охрабруваме луѓето да ја добијат втората доза што е можно поскоро, апелира тој.

Податоците дека луѓето може да имаат до 50 проценти помал ризик од долг ковид доколку се вакцинирани, се однесува на оние кои примиле две дози, односно се целосно имунизирани.

Една од најголемите студии досега на оваа тема („Zoe-COVID“), вклучува 1,2 милиони луѓе кои примиле најмалку една доза вакцина против ковид-19 и го пријавиле своето искуство во апликацијата COVID-Symmptom Study.Тимот научници од Кралскиот колеџ во Лондон открил дека целосна вакцинација со две дози го намалува ризикот од долготраен ковид, а симптомите не продолжиле да траат подолго од 28 дена по инфекцијата.

Доктор Злате Мехмедовиќ, специјалист по трудова медицина и супспецијалист пулмолог, ни изјави дека  вакцините може да го намалат ризикот од долг ковид до педесет проценти. Значаен дел од пациентите имаат симптоми како отежнато дишење и истоштеност, со недели и месеци по официјалното заздравување односно добивањето на негативен резултат на ПЦР тестот. Најчестите долгорочни симптоми се замор, болка во мускулите, проблеми со спиењето, депресија и анксиозност. Иако ковид е респираторна болест, не се изоставени последиците врз другите органи од телото, како срцето, белите дробови, црниот дроб, мозокот и бубрезите.

Во земјава веќе се работи со пациенти со долг ковид на Клиниката за пулмологија при Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје. Лекувањето некогаш продолжува и во Институтот за рехабилитација Козле. Компликациите може да траат од шест месеци до една година по заздравувањето. Во лекувањето се вклучени неинванзивна вентилација, физиотерапија, кислородни концентратори за домашна употреба, како и инхалаторна терапија.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата МетаморфозисТој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.