Коледарчиња ги посетија домовите на велешани, низ маалата одекнуваше песната „Коледе леде“ (Фото и видео)
Со насмеани детски лица и научена песна, додека во раце ги држеа коледарските торбички, претпладнево штом се крена маглата над Велес, дечиња доаѓаа во домовите на велешани. Тропајќи на влезните порти коледарчињата громогласно ја пејат најпознатата коледарска песна:
„Коледе леде,паднало греде
утепало деде,деде се мачи
баба го квачи со четири јајца
гускини, шаткини ооо Коледе…
Денес е Коледе,утре е Божиќ
ќе колеме теле, теле вика леле
не колете мене, ќе ви купам зеље
да месите пита, да јадете сите.
Коледееееееееее…“
По испеаната песна велешките домаќинки ги даруваат Коледарчињата со коледарски солени колачиња, ореви, бадеми, свежо и сушено овошје, костени и паричка. Коледарчињата внесуваат среќа во домовите на граѓаните. Тие се предвесници на вечерта во која се слави Бадник, денот пред Христовото раѓање, Божик.
Колку поголем број на Коледарчиња толку поголема светлина, среќа и берикет во домовите, велеа и сеуште велат постарите велешани.
Тие ќе пејат се додека не ги наполнат коледарските торбички со дарови или додека не се приквечери кога заедно со своите најблиски ќе седнат покрај трпезата со посни јадења за да започне славењето на Бадник.
Убавка Јаневска