Градоначалникот Цветковски: Општина Лозово не треба да стане Вухан на Балканот, по изградбата на владината кафилерија
Неизвесна станува изградбата Кафилеријата поточно фабрика за согорување на мрши, во населба Лозово. Проектот на Владата, вреден 9,5 милиони евра, не ќе може да гради затоа што новиот состав на Советот на Општина Лозово изгласа нова одлука, спротивна на донесената од стариот состав, со која не се одобрува изградба на ваков производствен капацитет на територијата на општината. Мислењето на советот го дели и градоначалникот Бошко Цветковски кој смета дека работата на кафилеријата или завод за уништување на мрши ќе придонесе за загадување на животната средина во еколошки здрава општина и ќе влијае врз здравјето на граѓаните во Лозово.
-Мојата одлука е темелена на следниве факти. Предвидената изградба на кафилеријата е на само неколку метри од домовите на граѓаните чии домови се наоѓаат на крајот на населбата и е во непосредна близина на ООУ „Методиј Митевски – Брицо“, на детската градинка и на црквата. Климатските услови во ова подрачје, особено розата на ветрови, ќе доведе до ширење на непријатна миризба и канцерогени честички во воздухот, посебно за време на долгите и жешки лета. Исто така поради опасноста од загадување на плитките подземни води кои се карактеристични за овој предел затоа што на територија на Општина Лозово има плитки подземни води коишто се мешаат со длабинските води кои подоцна преку бунарски систем се користат за питка вода за пиење, рече Цветковски.
Градоначалникот аргументира и дека кафилеријата би била опасна поради ширење на заразни болести преку глодари и лешинари кои ке дојдат во контакт со заразените остатоци од мртви животни. Цветковски открива дека еден ваков случај се појавил на територијата на општината.
– Веќе имавме еден таков случај на појава на болест, конкретно „туларемија“ во село Каратманово со претпоставка дека настанал поради угинати животни во системот за вода за пиење. Бидејќи постои сомнеж за несоодветно менаџирање на објектот, за кое никој јавно не говори и поради тоашто овој регион е познат по одгледување на житни култури кои во моментов се со одличен квалитет и барани на пазарот затоа не би сакале истите да подлежат на можно загадување од објект кој припаѓа во група со висок еколошки ризик, со што би била доведена во прашање егзистенцијата на граѓаните, односно на земјоделците од евентуалната намалена побарувачка на земјоделските производи, додаде Цветковски.
Според градоначалникот, исто така, Ковид пандемијата и мутирањето на вирусот треба да биде пример за она што се случуваше во изминатите две години на глобално ниво особено поврзано со повеќето мутиции на вирусот па затоа Советот на општината превзел превентивни мерки со цел да ни се случи појава на болести. Поточно Општина Лозово да не стане Вухан на Балканот.
Дума.мк побара став и од Агенцијата за храна и ветеринарство за каков проект станува збор и дали реализацијата на кафилеријата ќе влијае загадувачки врз здравјето на жителите како и животната средина на населба Лозово . Од Агенцијата соопштија дека станува збор за современа, незагадувачка индустрија, која нема да претставувала опасност за луѓето и со чие функционирање ќе бидат запазени и највисоките еколошки аспекти за заштита на животната средина.
-Според планираното, во кафилеријата ќе се врши производство на високоеенергетски масла, а неколку години по почетокот со работа, според првично планираното, овој капацитет треба да се вклучи и во производство на биопротеини кои се многу барани на светскиот и европскиот пазар. Изградбата на ваков капацитет за преработка нус производите од животинско потекло е нов, дополнителен импулс во напорите на државава за заштита на животната средина бидејќи место на депониите каде сега најчесто се закопуваат угинатите животни, тие ќе се преработуваат и ќе создаваат дополнителна вредност, пишува во соопштението на Агенцијата.
Од таму појаснуваат дека во кафилеријата според планираното ќе се преработуваат коски, внатрешни органи од кланици, расипани производи од месо, млеко, мрши и сл. Преработката на нус производите во ваков современ капацитет, преку испитување на мршите и другите нус производи, ќе и отвори дополнителна можност на Агенцијата за храна и ветеринарство за увид во состојбата со болестите кај животните по региони. Врз основа на тие податоци во иднина ќе се развиваат програмите за здравствена заштита на животните.
Инаку, државата, во моментов го дефинира начинот на воспоставување на систем за собирање и транспорт на нус производите, за што во постапка е измена на законската регулатива, поточно законот за нус производи, со кој ќе овозможи формирање на јавно претпријатие од страна на Владата на РСМ, кое ќе стопанисува со овој капацитет. Изградбата на кафилерија е проект на Владата на РСМ. Проектот вклучува и набавка на специјализирани возила за транспорт на нус производите и машини за нивна преработка.
Стефани Манева