Експертите се против бетонирање на Езеро Младост а градоначалникот на Велес, Колев ќе дозволи само спортско рекреативни содржини (ФОТО)

Озеленување и подигање на шума намето бетонизирање на бреговите на езеро Младост, гласи ставот на експерти и граѓански организации. Првите од стручна гледна точка објаснуваат дека атрактивна туристичка дестинација, кон што се стреми велешко езеро, не се создава со изградба на хотели и мотели. За вторите езерските брегови треба да бидат достапни за сите граѓани, љубители на природата, што масовно го посетуваат и за прошетки наместо по асфалт сакаат да газат по земја. За експертската јавност оваа отворена тема, од пред еден месец, е предизвик и за граѓаните кои јасно и гласно треба да соопштат каква потреба имаат и што сакаат на државна земја, што ним им припаѓа и без нивна согласност не смее да се урбанизира.

„Прво што треба да се направи е граѓаните да се информираат дека ќе се продава државно земјиште. Тоа не е земја на општината, на државата туку на народот. Како може без јавна расправа да се донесе некаков заклучок во рамките на општината дека таа земја ќе се продава и тие ќе решаваат како сакаат. Тоа е мојата најголема забелешка во однос на езеро „Младост“. Не е во ред народот да не знае за нешто што е народно, што нему му припаѓа“, рече Татјана Стојановска, дипл.машински инжинер.
Експертите ги откриваат недостатоците во Законот за градба кои ги користи урбаната мафија и најчесто ја стимулираат незаконитата градежна експанзија насекаде во државата. Една од нив е дооформувањето на градежни парцели. Со неа се приграбува нова површина од државна земја за да се прошири претходно дефинирана, според маркица, градба на веќе проектирани и првично оформени објекти.

„Тоа дооформување на парцела мене ми е особено драг термин и многу често се користи како алатка на т.н урбана мафија. Зошто и како? Многу едноставно кажано. Вие имате некоја парцела која што се граничи со државна земја . Го наоѓате планерот кој веќе е познат и воспоставувате контакт за да ви направи „маркица“ ( во наводници) каде што процентуално вашиот дел ќе биде 30 или 50 отсто. Така од нова, соседна, парцела вие со непосредна спогодба имате право да правите доофомување на урбанистичка парцела и по таа основа се стекнувате со земјиште за да добиете многу поголеми параметри за градба“, рече м-р Андреа Јанков, дипл. инг. архитект.
Според експертите законски е возможно деталните урбанистички планови за „Езеро Младост“ да се изменат или да се стопираат од страна на градоначалникот и на Советот на општината. Беа децидни дека токму од волјата на овие локални функционери и институции зависи дали езерото ќе го задржи природниот лик или ќе продолжи да се бетонизира.

„Да се задоволи потреба на корисник на ДУП, пред се треба да се спроведе јавна анкета и да се подготви Студија за тоа што се може да издржи тој простор. Може да исцртаме парцели за градба, планерите размислувале каква инфраструктура има до таму, како мрежи за одводна и атмосверска канализација и за електрична енергија. Езеро „Младост“ е вештачка акумулација па прашањето е дали се размислува за тие аспекти, кога се приватизира државно земјиште или се ставаат на лицитација парцели за да се отуѓат. Мора да се направи и една сериозна Студија“ рече проф. д-р Михаил Зиновки, Архитектонски факултет на УКИМ.

Изјаснувајќи се против бетонизирање , граѓанските организации во Велес, се со став дека „Езеро Младост“ за многу кратко време може да добие шумски појас. Ако постои волја потребно е само засадување на израснати дрвја со стручна грижа за одгледување. За граѓанскиот сектор просторот на езерскиот брег треба да се планира за повеќе локации на кои младите ќе можат да кампуваат и живеат во природа за да научат да приготвуваат храна, да се социјализираат и да ја чуваат поточно заштитуваат природата.

„Ние секогаш ја опсервираме источната но не и западната страна на езерскиот брег на „Младост“ која во суштина е биолошката страна на езерото бидејќи токму таму се мрести рибата поточно велешкиот крап и сом. Со урбанизација на езерото ќе дојде до уништување на овие два вида на риба во езерската вода како и на флората и фауната. Ќе има бетон, ќе има канализација што ќе оди во езерото или во река Вардар“, рече Анѓелче Гушев, старешина на ИО „Димитар Влахов“.

Спорните три парцели за кои што пишуваше тимот на Дума мк во истражувачката приказна „Планот за продажба на парцели на езеро Младост донесе нови поделби во Советот на општина Велес“ влегоа во Програмата за располагање со државно градежно земјиште на Општина Велес за 2022 година. Таа се носи секоја година во согласност со законот за градежно земјиште, освен во 2019 година, по шумскиот пожар што ја пеплоса западната страна на езерскиот брег. Тогаш не беше ставена на дневен ред на тогашниот состав на општинскиот Совет затоа што поголемиот број од советниците сметаа дека врвен приоритет треба да биде пошумувањето и подигнувањето на шумскиот појас и зеленилото.

Градоначалникот Марко Колев одговори на новинарските прашања на Дума.мк дали носењето на програмата за годинава значи и продажба на осумте парцели на брегот на езерото на што тој одговори дека не го променил ставот од првично искажаниот, во кампањата за локалните избори, кога вети дека на езерскиот брег на „Младост“ нема да има градежна експанзија и девастација на просторот како претходно. Тој се огради од вина за донесените детални урбанистички планови, во изминатите 15 години, со кои продадени се 80 % од урбанизирана државна земја на која веќе се изградени или во градба се објекти со намена за хотели или за домување.
„Да се држиме до терминологијата. Ние донесовме Програма за уредување на градежно земјиште, ниту еден плац од споменатите не е ставен на продажба ни има интерес да се стави на продажба ниту пак јас размислувам да ставам на продажба“, рече Колев.
Велејќи дека ќе ги „чешла“ претходно продадените плацеви за да утврди дали сопствениците се придржувале на договорите и до каде се законските обврски за изградба на објектите, градоначалникот, исто така под лупа ќе го ставел и исполнувањето на обврските на општината кон нив како на пример дали собраните финансиски средства од продажбите на плацевите во изминатите 15 години биле инвестирани наменски, во изградба на ветената инфраструктура, на езерскиот брег или се трошеле за друга намена.
„Јас не планирам дополнително урбанизирање на езерото „Младост“ освен за изградба на спортско-рекреативни комплекси кои што би можеле да и донесат развој на општината. Тоа нема да бидат градби туку плацеви за уредување на просторот со атрактивни содржини“ , додаде Колев.
Градоначалникот смета дека создадената фама за дополнителна урбанизација на просторот била политичка игра на дел од партиите во составот на актуелниот Совет со цел да го оцрнат.

Сепак, доколку седмата и осмата седница на Советот на Општина Велес беа јавни немаше да се создаде сомнеж дека општината планира ново урбанизирање на крајбрежјето на езеро „Младост“. Единствено што сеуште останува нејасно е ако не се продаваат тогаш зошто вкупно осумте парцели од кои две за изградба на хотели, по една за мотели, за трговија, за дневно снабдување како и три за кампирање поточно за поставување на шатори се дел од општинската Програма за располагање со државно градежно земјиште за 2022 година со дефинирана почетна цена од 283 денари за метар квадратен.

Според Министерството за транспорт и врски општините можат да направат пренамена на парцелите во деталните урбанистички планови од градежни во зелени појаси доколку сметаат дека не треба да ги продаваат.
Истражувачки тим на Дума.мк
Убавка Јаневска
