Засега општината размислува за велосипедски патеки во градот, но најавува околу него
Каде и колку велосипедски патеки можат да се испроектираат на територијата на градот и колку надвор од него, Дума.мк ја праша Општина Велес, откако млади велешани го потенцираа како приоритет возењето велосипед наместо автомобил на настанот „На кафе и локум во Страда Кафе“. Младите потребата од ставање во функција на велосипедите наместо возење автомобили, ја потенцираа со цел да се намали сообраќајниот хаос на велешките улици. Дел од нив за овој приоритет се определија откако потврдно одговорија на нашето прашање дали се запознати со неколку годишното делење на субвенции од страна на општината за купување на велосипед.
Од општината по слободен пристап на информации на Дума.мк и одговорија:
„Предвиден е велосипедски парк околу Велес со три влезови и излези на потег Башино Село-Чалошево-Отовица и брз влез на велосипедистите во рекреативен центар на Езеро Младост. Проектот ќе се реализира во две фази, подготовка на техничка докуменатција и изградба. Што се однесува за велосипедски патеки во градот моментално се разгледуваат неколку опции и можности“, пишува во одговорот од општина Велес.
Од општината засега точно не соопштуваат на кои улици може да се истрасираат велосипедски патеки туку велат дека разгледувале повеќе можности и опции. Оттаму го посочуваат проектот за изградба на велосипедски парк околу Велес, со три влезови и излези на потег Башино Село-Чалошево-Отовица како и брз влез во рекреативен центар на Езеро Младост. Овој проект треба да се реализира во две фази, подготовка на техничка документација и изградба.
Инаку со реализација на проектот „Смарт Езеро Младост“, Општина Велес доби дваесет електрични велосипеди коишто требаше да бидат ставени во функција и да се возат на рути на велешко езеро. Како што дознава Дума.мк, општината треба само да ја одреди точната локација за поставување на полначот за велосипедите на Езеро Младост и тој да се инсталира за да можат како велешани така и гостите од соседните градови да ги користат овие велосипеди за возење на езерскиот брег.
Стефани Манева