Топлотни бранови во Шпанија, Португалија и Франција, измерени 44 степени

Објавено на 12 јули, 2022 во 12:57

Неполн месец по последниот топлотен бран, живата во термометарот во понеделникот повторно се искачи на невообичаено високо ниво на Пиринејскиот Полуостров, каде се измерени 43 степени Целзиусови и на југот на Франција. Во Португалија измерени 44 степени.

Сè почестата појава на топлотни бранови е директна последица на климатските промени, велат научниците, бидејќи се зголемува јачината, времетраењето и зачестеноста на емисиите на стакленички гасови.

Во Шпанија највисока температура, 43,3 степени е измерена во Канделеда, во централниот дел, соопшти шпанската метеоролошка служба Аемет. Во другите градови на југот и во централниот дел, како Севиља и Бадахоз, измерени се 42 степени.

Овој нов топлотен бран, втор во еден месец по оној во средината на јуни, е „сосема необичен“ во земја каде што високите температури во лето не се невообичаени, изјави во понеделникот Рубен дел Кампо, портпарол на Аемет.

Топлотниот бран започна во неделата и може да „трае девет до десет дена, така што тоа би можело да биде трет најдолг топлотен бран во Шпанија од 1975 година“, изјави тој за „Франс прес“.

„Климатските промени се причина за почести и посилни топлотни бранови“, додаде Дел Кампо, потсетувајќи дека нивниот број е двојно зголемен во земјата во последните дванаесет години.

Најлошото ќе биде помеѓу вторник и четврток, предупредува Аемет, кој не можеше да каже дали апсолутниот температурен рекорд забележан во Шпанија (47,4 степени измерени во Монтор, во близина на Кордоба, во август 2021 година) ќе биде соборен.

Во соседна Португалија за време на викендот температурата на некои места се искачи до 44 степени. Иако во понеделник температурата беше нешто пониска, сепак во околината на Евора на југоисток се очекуваат 42 степени, соопшти националната метеоролошка служба која најавува нов пораст на температурата во вторник и среда.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.