Законски не може да се казни коњопас и загадување на животната средина иако велешани ги вознемируваат коњи на несовесни сограѓани
Секое лето се повторуваат исти глетки во стариот дел на Велес . Коњи на пасење се оставаат на јавни површини покрај Железен Мост и во паркот пред поранешна Народна кујна. Освен што пасат трева во утринските или вечерните часови коњите се шетаат во попладневните и ноќни часови по тесните сокаци на маалата. Граѓаните кои живеат во месноста Дворови или стравуваат за безбедноста на малолетните деца кои играат надвор од дворот или реагираат на загадените со измет улички. Измет има и во зелените парковки површини. Дел од граѓаните секојдневно го собираат изметот и ги мијат улиците.
Овие граѓани ги знаат сопствениците. Тврдат дека тие живееле на велешка Рамина. Граѓаните бараат од Општина Велес да превземе мерки и освен што ќе ги открие сопствениците исто така да ги казни со парични казни или да им ги одземе коњите.
Но инспекциските комунални служби не можат да постапат ни по првото ниту по второто граѓанско барање. Тоа не им го дозволува Законот за јавна чистота во кој за напасување на ситен или крупен добиток одредбите пропишуваат казни до 40 евра и половина од оваа сума доколку се плати во рок од осум дена од изрекувањето. Бидејќи сопствениците најчесто се граѓани кои не располагаат со трансакциски сметки казната не може да се изрече. Законот пак не пропишува казнена одредба за одземање на добиток чии сопственици ќе се утврди дека прават злоупотреба со напасување или добитокот предизвикува загадување на животната средина.
Единствено што може да се стори во овие ситуации, и покрај несовеста што ја покажуваат сопствениците, е да се разубедат да не ги оставаат коњите каде што ќе им текне !
Убавка Јаневска