Сезонска авиолинија на релација Манчестер-Охрид за следното лето
Авиокомпанијата „ТУИ ервејс“ најавува сезонска авиолинија на релацијата Манчестер–Охрид за следното лето. Според објавата во распоредот на авиокомпанијата, летовите ќе се реализираат еднаш неделно, во периодот од 31 мај до 20 септември следната година.
Бројот на летови на сезонските авиолинии годинава е зголемен и на двата македонски аеродрома во однос на лани, а се опслужени вкупно 1,3 милион патници и 10.622 лета.
Од јануари заклучно со јули, на Меѓународниот аеродром „Скопје“ се реализирани 457 сезонски лета, што е за 55 проценти повеќе од лани, кога имало 294 лета. На Аеродромот „Свети Апостол Павле“ Охрид, пак, се реализирани 831 сезонски лет, што е зголемување за 136 проценти во однос на истиот период минатата година кога имало 352 сезонски лета.
Годинава сезонски дестинации до кои авиокомпаниите летаат од скопскиот аеродром се Анталија, Бодрум, Измир, Хургада, Базел, Џеда/Медина, Монастир (Тунис). Во 2021 од Скопје се леташе сезонски за Анталија, Бодрум, Хургада, Базел и Дизелдорф. Од охридскиот аеродром, пак, годинава се опслужуваат сезонски авиолинии и до Тел Авив и Амстердам, како и до Цирих, Ајндховен и Катовице, кои беа на располагање и во минатата летна сезона.