Дечињата од објект „Ѕвездички“ на велешката градинка „Димче Мирчев“ добија двор со нова игровна опрема (фото и видео)
Другарчињата од објект „Ѕвездички“ на велешката детската градинка „Димче Мирчев“ новата воспитно згрижувачка година ја започнаа со многу игра и насмевки во дворот опремен со најнова игровна опрема. Дел од нив со велосипеди и тротинети возеа по новата патека, некои се лизгаа на ново поставените лизгалки, други пак цртаа, боеа и лепеа разновидни фигури. Но имаше и другарчиња коишто уживаа во задниот двор на поставените „lazy bags“ и разгледуваа разни книги и сликовници.
Новиот изглед којшто го доби оваа детска градинка претставува вистински рај за дечињата. Задниот дел од дворот е уреден со масички и столчиња и претставува дел во којшто другарчињата ќе се релаксираат и ќе имаат можност да цртаат, бојат и другаруваат. Но предниот дел, којшто е опремен со лизгалки, патека за велосипеди и тротинети, ќе го користат секогаш кога надвор ќе биде сончево за физичка активност и трошење енергија .
Директорката на детската градинка „Димче Мирчев“ Маја Велиновска рече дека и претставува особена чест што почетокот на оваа година го започнуваат во едно прекрасно уредено место со многу среќни дечиња коишто престојуваат таму.
-Нашата основна мисија и визија е да имаме среќни деца во градинка, да растат здрави и среќни а родителите додека се на работа да бидат спокојни дека децата им се во вистински раце. Години претходно многу се вложуваше во внатрешноста на објектите во целиот град но и во објектите коишто се надвор од нашата општина и затоа сега како тим сметаме дека треба повеќе да поведеме сметка за дворните површини. Од приоритетно значење за децата е додека се во градинка што повеќе време да користат на отворено, на воздух и сонце. Тоа е од исклучителна важност за раниот детски развој. Ние мораме да се грижиме бидејќи сме едно големо семејство со околу 1200 дечиња коишто се згрижени во нашата градинка, додаде Велиновска.
Според неа ова е само почетокот, во следниот период се продожува со работа и секоја градинка ќе биде комплетно уредена со што сите деца во градот ќе добијат нова игровна опрема за поголема радост и среќа. Како што вели Велиновска влогот во децата е најисплатливата инвестиција.
Инаку целосното уредување, поточно, градежните работи и игровната опрема во дворот на објект „Ѕвездички“ чинел околу 1.800.000 денари. Додека игорвната опрема за сите шест објекти на детската градинка „Димче Мирчев“, вкупно, чини околу 2.350.000 денари. Она што е важно да се спомне е дека сите средства се обезбедени од самата градинка.
Стефани Манева