Југо-источната европска бригада „Seebrig“ со донација за развојното советувалиште при Здравствен дом Велес (фото)
Едукативни материјали за работа со дечиња со типичен и атипичен развој денеска беа донирани за развојното советувалиште при Здравствен дом Велес од страна на југо-источната европска бригада „Seebrig“. Моторички помагала, графо-моторни табли, помагала за фина и груба моторика, како и материјали за пишување, читање, броење и цртање се дел од денешната донација којашто за дечињата е од голема важност. Директорот на Здравствен дом Ристе Богоевски ги прими едукативните материјали од бригадниот генерал Евангелос Митроцикос и искажа голема благодарност.
-Оваа донација од едукативни материјали за работа со дечињата е од големо значење за развојното советувалиште во нашата институција. Овој чин, сам по себе зборува дека војниците имаат големо срце и сакаат да воведат еден тип на воено- цивилна соработка којашто би се продлабочила и во иднина. Можам слободно да кажам дека ова е само почеток на една хуманитарна соработка, додаде Богоевски.
Развојнто советувалиште во Здравствен дом Велес го посетуваат дечиња со типичен и атипичен развој. Заедно со нив работат педијатар, специјален едукатор и рехабилитатор, клинички логопед и психолог. Според нив дел од дечињата доаѓаат без препорака, другите пак, со препорака откако ќе го поминат задолжителниот систематски преглед на четири годишна возраст.
Инаку југо-источната европска бригада „Seebrig“ се состои од шест балкански држави и тоа Македонија, Бугарија, Турција, Грција, Албанија и Романија и е со седиште во Куманово. Тие од 27 септември до седми октомври, годинава, престојуваат во велешката касарна „Алексо Демниевски Бауман“ со цел да ја спроведат командната компјутерска вежба наречена „Седум ѕвезди 2022“.
Стефани Манева