Граѓани кои живеат околу старата театарска зграда во Велес со барање општината да не гради деветокатница, Колев вели дека избрзале

Со сто и единаесет собрани потписи граѓани кои живеат околу старата зграда на велешки Театар испратија барање до општината и градоначалникот Марко Колев да не се гради деветокатница на оваа локација во Велес. Потпишаните граѓани сметаат дека не било безбедно земјиштето на локацијата за изградба на ваков тип на градежен објект, по уривањето на зградата на „Работнички универзитет“, потврдени со геомеханички испитувања кои покажале дека станува збор за непогодно тло за градба. Барањето,исто така,содржи и проценки за намалување на светлината во нивните домови, најголем дел куќи, од висината и габаритот на висококатницата што би се изградила, како и нарушување на естетското и урбаното уредување на градот во согласност со традиционалната архитектура и создавање на сообраќаен метеж од дополнителниот број на возила на станарите, особено во пазарните денови.
На парцелата наместо деветокатница, граѓаните бараат од општината и градоначалникот Колев, по уривањето на старата театарска зграда да изградат парк со реквизити за игра на деца или паркинг простор.

Овие граѓани посочија дека нивното несогласување за изградба на деветокатница го соопштиле уште во 2020 година на јавното излагање за дел УБ 32 во УЕ 4 и дел УБ 47 во УЕ 9 на Детален урбанистички план како и дека тогаш доставиле писмено изјаснување во кое соопштиле дека се против изградбата на ваков вид на градежен објект. Дел од нив потенцираа дека оваа забелешка од необјасниви причини не била земена во предвид ни тогаш ниту на 20 седница на Советот на Општина Велес кога советничкото мнозинство ја изгласа пренамена на Детален урбанистички план со која се овозможува изградба на деветокатница без да биде земено во предвид нивната забелешка која треба да ја имаат надлежните општински служби. Затоа граѓаните повторно,на 5 октомври, годинава, до Општина Велес и градоначалникот го доставиле барањето и во законски рок од 15 дена очекуваат одговор.


Дума.мк, побара став од Колев. Градоначалникот првично соопшти дека граѓанските барања биле избрзани бидејќи во тек била постапка за оформување на парцелата и додаде дека писмено ќе се изјасни. Притоа тој откри дека во истиот дел на градот, на источниот брег на река Вардар, но од спротивната страна на мост „Гемиџии“ локација за изградба на зграда побарала и државата. Станува збор за парцелата веднаш до зградата на подрачната единица на Агенцијата за вработување во Велес на која сега се наоѓаат неколку стари куќарки во кои живеат социјално ранливи семејства.
Убавка Јаневска
Фотографии од барањето на граѓаните со потписи:






