Мобилно новинарство – Приказна: „Медиумска писменост“ (видео)
Средношколците имаат потреба од повеќе обуки за медиумска писменост. Тие така ќе можат полесно да се справат со напливот од лажни вести. Велешките гимназијалци се делумно писмени како да препознаат точна вест. Средношколците учат публицистички стилови на часовите по македонски јазик и литература, но тоа не е доволно.
-Никогаш немав забележано и сега кога седев ми излезе една информација на телефон којашто не беше потпишана од кого е и веднаш се сетив дека станува збор за дезинформација бидејќи не беше потпишана од автор и немаше извор, рече Марија Андреева.
Застапеноста на медиумската писменост во наставата на оваа категорија на ученици не одговара на дигиталното време на живот. Учениците сите информации ги добиваат преку онлајн медиумите и многу ги користат своите мобилни телефони. Тоа што го учат во наставната програма е сосема различно од нивните потреби. Професорите по македонски јазик сметаат дека треба да се променат наставните програми.
-Се надевам дека после 22 години време е да се стори нешто и да се преиспитаат содржините во наставните програми па да се внесат некои нови движења, нови бранови и нови информации коишто се многу попрактични за учениците. Со цел полесно да се снајдат во тој нов свет на прилив на информации буквално од сите страни и преку социјалните медиуми како и големиот број на средства за информирање, рече Соња Карбева, проф по македонски јазик и литература.
Ученици присуствуваа на обука за медиумска писменост со новинари во Велес. Над дваесет ученици покажаа особен интерес како да препознаат точна и вистинита вест.
-Учениците покажаа интерес за начинот на пишување на новинарските текстови но и можноста за препознавање на информации коишто се прикажани во новинарските текстови дали се вистините или лажни, рече Весна Павлова проф. по македонски јазик и литература.
-Ние денеска научивме дека препознавањето на точна вест треба да ја провериме преку пет прашања односно кој, каде, како, зошто и кога. Доколку веста ги содржи одговорите на овие пет прашања тогаш станува збор за точна вест, рече ученичката Деспина Миланова.
Професорите се трудат да ги образуваат учениците за најважните елементи што точната и навремена вест треба да ги содржи. Дел од нив се обидуваат да ги мотивираат учениците да бидат претпазливи на социјалните мрежи и во читањето и во коментарите на веќе објавени вести.
-Ги насочувам на тој начин да внимаваат што читаат, дали откако ќе го прочитаат текстот внимаваат дали има или нема автор и да го проверат најзначајното каде се наоѓа авторот, да го проверат импресумот на медиумската куќа за да видат дали веста ќе биде точна или веста ќе биде лажна, рече Магдалена Сарагинова проф по македонски јазик и литература.
-Секогаш советувам да не се дебатира за нешто во што не се сигурни, треба да го проверат тоа и потоа да го споделат, рече Цветанка Карамаркова проф по македонски јазик и литература.
Последниве години новинарската професија не е актуелна помеѓу младите. Да се пронајде средношколец кој по само две новинарски обуки и посета на медиум покажа интерес за професијата е реткост.
-Одлуката ја донесов кога претходниот месец на ден на медиумската писменост ја посетив телевизијата 21 и таму можев да ја осетам работната атмосфера на новинарите. Тогаш сфатив дека едноствано професијата новинарство е за мене и дека се пронаоѓам во неа, рече ученичката Стефанија Јакимовска.
Овие ученици се желни за знаење коешто ќе им овозможи да бидат медиумски писмени граѓани. Се што државата треба да стори е да го осовремени начинот на образование со современи програми што одговараат на дигиталното време и начинот на живот на младите луѓе.
Убавка Јаневска
Стефани Манева