Советодавни трибини за земјоделците од Тиквешијата
Во пресрет на празникот на лозарите Свети Трифун, кој симболично со закројување на лозјата ќе се одбележи во Тиквешијата, се одржуваат и советодавни трибини.
“Сезонски работи во лозов насад и мерки за адаптација кон климатските промени” е темата на предавањето организирано од страна на Националната федерација на фармери со подршка од We Effect, кое е дел од манифестацицијата на општина Неготино „Недела на виното“, која се организира по повод празникот на лозарите „Свети Трифун “.
На предавањето присуствуваа голем број производители на грозје од Неготино, Росоман, Кавадарци, Велес, Гратско, Богданци. Предавач беше проф. д-р Климе Белевски од Земјоделскиот институт.
На трибината беше нагласено дека најголем проблем во лозарството е откупот и нередовната исплата на грозјето. Затоа е потребно да се следи примерот со тутунот и да се дојде до трајно решение.
„Секоја компанија која сака да врши откуп на грозје треба да депонира банкарска гаранција како и целосно почитува одредбите на законот за земјоделство и рурален развој за договорно производство“ рече Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери.
На предавањето беа презентирани негативните ефекти кој овој сектор ги трпи од климатските промени како и заштитни мерки кои ќе можат да се преземат од страна на земјоделците.
Проф. д-р Климе Белeски истакна дека климатските промени влијаат врз квантитетот и квалитетот на грозјето и виното. Лозарите добија конретни совети за справување со промените на климата со цел да дојдат до квалитетно производство./A.Д