„Естетика на стрипот“, нова книга на велешанецот д-р Бошко Караџов

Објавено на 27 декември, 2022 во 13:45

Деновиве, излезе од печат најновата книга на д-р Бошко Караџов со наслов „Естетика на стрипот“. Книгата е збирка на огледи од областа на филозофијата и стрип уметноста. Истата е поделена во три целини.

Во првиот дел со наслов „Онтологија на деветтата уметност“ се говори за одделната естетичка природа на графичкиот роман и за обрасците на создавањето дигитални с-ликовни раскази во рамките на концептот за бесконечното платно.

Во вториот дел со наслов „Историја на стрипот“ претставена е повеста на с-ликовното приповедање од праисториските почетоци во пештерското сликарство, па преку средновековните графички раскази, сѐ до воспоставувањето на модерниот  стрип формат во XIX век.

Во завршното поглавје, со наслов „Идеологија и стрип кулура“ се говори за анти стрипската книга „Seduction of the Innocent“, за појавата на “underground“ стрип сцената, како и за македонските стрипови од едицијата „Никогаш роб“.

Бошко Караџов е филозоф, теоретичар на културата, професор и научен истражувач во полето на графичката литература и интермедијалните уметности. Автор е на книгите: „ПАРАДОКСИТЕ НА ИНДУКТИВНАТА ЛОГИКА“ издадена во 2020 година, „COMPENDIUM PHILOSOPHIAE“ издадена во 2021 година и „ЛОГИЧКА АНАЛИЗА НА НАУЧНОТО ПОЗНАНИЕ“ издадена во 2021 година. „ЕСТЕТИКА НА СТРИПОТ“, издадена годинава  со поддршка на Министерството за култура во  издание на издавачката куќа „Стрип-квадрат“, е негова четврта книга. Книгата наскоро ќе биде достапна во книжарниците во Скопје и Велес.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.