Значајни години во историјата на град Велес
Секој град има датуми и години кои се поврзани со неговата историја и се значајни за локалната историја. Во текстов ќе пробам да ги наведам по хронолошки ред сите години и датуми што се значајни за Велес.
Во 1386/7 година – (според христијанскиот календар)
Стариот град Велес го завзел Гази Худавендуѓер (познат како Султан Мурат Први), а воените дејствија ги извршил Тимурташ паша. Велес е завземен од Османлиите по скоро сто денови опсада.
Во 1445 година – Велешкото кале имало посада само од 7 члена, а во 1467/8 година во тврдината веќе немало никоj, односно нејзината улога престанала.
Во 1460 година -. Во првите пишани турски документи , Велес се споменува како Ќупурли – превод што значи Град на мост! (Мостово или Мостар) .
Во 1598 година – Најстар историски извор за антитурското раздвижување во Велес постои од крајот на 16 век. Бунтот бил предводен од страна на тогашниот Охридски архиепископ Варлаам, кој на Архиепископскиот трон дошол по смртта на Атанасиј Први, познатиот организатор за кревање на општобалканско востание, за чија реализација барал помош од европските држави. Архиепископот Варлаам по се изгледа активно продолжил по стапките на својот претходник, но сето тоа било со краток век. Во 1598 година, бил фатен и погубен од турските јаничари во Велес на Стар мост. Обезглавеното тело било фрлено во Вардар, а кога е пронајдено и извадено од реката, било пренесено во Охрид и погребано во старата Свети Климентова црква.
Во 1661 година – Евлија Челеби ( Челебија), познатиот турски патеписец, го посетил Велес и го опишал за прв пат подетално. Според него дрвениот мост бил направен во времето на Мехмед II освојувачот, во период од 1467/82 година. Тој го опишал како дрвен мост со 4 отвори.
Во 1669 година – според патеписецот Едвард Браун во Велес избувнал голем пожар.
На 20 декември 1689 година.– градот бил запален, а Стариот мост запален и урнат од страна на австриската војска предводена од генералот Пиколомини.
Во 1831 година според пописот, во Велес имало 12.833 христијани и 5042 муслимани.
Во 1831 и 1840 година – градот го зафатиле епидемии на колера.
Во 1833 година – градот преживеал големи студови ( до -30 степени ).
Во 1835 година – замрзнала реката Вардар.
Во 1837 година е завршена градбата на црквата ,,Св.Спас “ на левата страна на градот, на темелите на постара црква, веројатно црквата која се викала ,,Св.Арангел“,која опстојувала уште некое време по доаѓањето на турците во овие краишта.
Во 1839 година – со Гилханскиот хатишериф (правилно Ѓулхански- Ѓул-хан- куќа на цвеќето, дел од Султановата палата во Цариград) е изедначена положбата на турското и христијанско население во стар Велес. Со тоа се создадени услови за отворање на христијански училишта, градење на цркви и манастири.
Во 1840 година – Неимарот и градител Андреа Дамјанов ја завршил изградбата на Соборната велешка црква ,,Св.Вм.Пантелејмон“, чија изградба започнала во 1837 г.
Во 1847 година и во 1916 година – имало големи поплави во градот.
Пазарот во стар Велес
Во 1863 година во стар Велес престојувал Јозеф Секељи (Josef Székely), австроунгарец, доктор по хемија, кои направил серија фотографии на Велес. Тоа се првите познати фотографии на град Велес.
Во 1873 година – Пуштена во употреба пругата Скопје – Солун.
На 29 октомври 1912 година. – Војската на Кралството Србија и Французите влегле во стар Велес, а дотогашната турска власт била заменета со нова окупаторска српска власт.
На 22 август 1920 година – се организираат првите општински избори за избор на одборници, на кои мнозинството одборници го сочинуваат комунистите, како прв претседател се споменува Петре Алчевиќ (Петре Алчев), а негов заменик Јован Џипуновиќ (Јовче Џипунов е избран на 12 јануари 1921 година за в.д. претседател на одборот). Меѓутоа, со донесување на Обзнаната, а со наредба бр. 11846 издадена од началникот на Срез Велешки од 7 август 1921 г. претходно избраните одборници се разрешуваат од должноста, истовремено разрешени се и сите други службеници кои биле комунистички настроени.
На 18 април 1941 година – окупацијата на Македонија од страна на фашистичка Бугарија и во Велес дошло до промена на административната власт, која е воведена од 26 април 1941 година. Бугарската власт во Велес функционирала до 9 септември 1944 година, кога капитулирала Царска Бугарија.
На 8-10 ноември 1943 година – е формиран Првиот Градски народноослободителен одбор на градот Велес кој бил составен од 5 члена. Негов прв претседател бил Панко Брашнар. Во јули 1944 година била извршена реорганизација и тој бил составен од 7 члена, а негов претседател бил Дончо Мирчевски.
По повлекувањето на бугарската војска од градот на 9 септември 1944 година Народно-ослободителниот одбор на Велес дејствувал полуилегално.
9 ноември 1944 година бил ослободен Велес, а во попладневните часови била одржана првата свечена седница на Народноослободителниот одбор на градот Велес. Кон крајот на месец ноември 1944 година биле одржани избори за членови на новиот состав на НОО. Избрани биле 25 лица во Пленумот, а во Извршниот одбор 10 лица. За претседател бил избран повторно Дончо Мирчевски.
На 22 јануари 1945 година – Президиумот на АСНОМ носи повелба за Првата административна територијална поделба на Македонија на окрузи, меѓу кои е и Велешкиот народноослободителен округ. Во составот на овој округ влегуваат: околиските народноослободителни одбори Велес, Кавадарци, Неготино и Свети Николе. Претседател на Окружниот народноослободителен одбор – Велес бил д-р Ѓорѓи Гаврилски.
На 10 март 1945 година -Велешката гимназија е преименувана во гимназија Кочо Рацин.
Со Законот за преименување на градот Велес во Титов Велес, кој стапил во сила на 11 октомври 1946 година, градот Велес бил преименуван во Титов Велес.
На 16 декември 1946 година – завршува реквизицијата ба поголемите индустриски каацитети во Велес и тоа Фабриката за масло „Костов – Настов“, Електрилната централа на браќата Ково, Железничката работилница „Браќа Барбутови“, Фабриката за талк и Фабриката за тули и керамика „Бон Марше“. Освен тоа предадени се и повеќе згради и земјишни имоти во рацете на Народна Република Македонија.
Љупчо Данов