Регистар на руски шпиони идентификува 42 лица уапсени додека делувале во Европа
Регистар на руски шпиони во Европа објавен на Твитер, идентификува 42 лица, кои делувале во своите земји, за што добивале пари од Руската Федерација. Овој регистер е оформен врз основа на отворените податоци и информации за апсења или судења на овие идентификувани руски шпиони за изминатите пет години
Пишува: Весна Коловска
Бугарија е втората земја по Полска со најголем број на случаи – 8, со поднесени пет обвиненија, две помалку од Полска.
Според податоците во регистарот, во Полска меѓу приведените има по еден новинар и еден службеник, како и тројца претприемачи. Беше уапсен и политичарот Јануш Нидзвиецки, кој води крајно десничарска партија во Полска со интереси блиски до оние во Кремљ.
Во Бугарија, меѓу уапсените обвинети за шпионажа е шефот на Националното движење „Русофили“, Николај Малинов.
Бугарскиот весник „Сега“ пишува дека обвинението против Малинов е поднесено во 2019 година, но сè уште нема правосилна пресуда. Според обвинението, Малинов комуницирал со две организации со седиште во Русија, од кои добил задачи да создаде проруска партија за да се преориентира Бугарија кон исток, ТВ канал и веб-страници кои ќе служат на овие цели, како и невладина организација и аналитички центар. Судењето започна дури во 2021 година, а предметот еднаш беше вратен од Специјализираниот кривичен суд поради непочитување на роковите. По затворањето на специјалниот суд, случајот продолжи во Градскиот суд – Софија.
Другиот случај од Бугарија е од март 2021 година против шест лица обвинети за шпионажа во корист на Русија. Потоа државното обвинителство објави видео и аудиоснимки од средбите меѓу осомничените и според обвинението, 74-годишен поранешен шеф на бугарското воено разузнавање, кој завршил училиште во руската ГРУ пред 1989 година, формирал и водел шестчлена шпионска група. Во групата се и неговата сопруга, неговиот поранешен подреден и сегашен шеф на тајната канцеларија на бугарскиот парламент и заменикот директор на управата за буџет на Министерството за одбрана.
Судењето, како што пишува „Сега“ беше прекинато лани во март, а сите обвинети во шпионската афера се на слобода со кауција.
На објавениот регистар на руски шпиони, трета е Германија, каде во 2022 година, четири лица беа уапсени за шпионажа. Откриени се и приведени двајца разузнавачи, како и руски научник и бизнисмен кој имал улога во технолошката шпионажа.
Во Шведска минатата година се уапсени четворица, од кои се најдени докази дека работат за руската воена разузнавачка агенција ГРУ. Последна на листата е Норвешка, каде во 2022 година беше приведен истражувачот од Универзитетот Тромсо, Михаил Микушен, кој, според обвинението, работел за ГРУ под лажен идентитет на државјанин на Бразил.
Корисникот на налогот на Твитер, кој го објави Регистарот, анализира дека повеќе од 30 случаи на шпионажа во корист на Русија беа откриени во последните пет години низ Европа. Армискиот персонал и другите униформирани служби доминираат меѓу кандидати за регрутирање. Активните случаи вклучуваат претежно агенти родени во Русија.
Изгледа дека работата за руското разузнавање не само што е ризична, туку и не е премногу профитабилна. П. Бучка, ректор на Словачката Академија за вооружени сили доби 46.000 евра за 9 години „стаж“. Бугарската оска беше многу подобра со по 3.000 УСД по агент. Што да очекуваме во 2023 година? Веројатно потешки моменти за руските разузнавачки мрежи во Европа. Повеќе од 400 дипломати беа протерани од западните земји од инвазијата. Тоа сериозно влијае на способноста на Русија да работи со извори на терен и да регрутира нови, пишува авторот на Регистарот.
Бугарските медиуми го сметаат овој објавен документ за добра основа за анализа за присуството на руските служби на бугарско тло. Како индикативна ја сметаат изјавата на шефицата на Кабинетот на поранешниот премиер Кирил Петков, Лена Бориславова, која во јули минатата година изјави дека Русија плаќа 4.000 лева месечно на своите „гласноговорници“. Според неа, станува збор за „јавни и политички говорници“, вклучувајќи новинари, политиколози, политичари и јавни личности, кои јавно формираат позиции за поддршка на руската држава. Но, во јавноста не познато дали по ваквите тврдења на Бориславова, е спроведена темелна истрага од страна на Обвинителството и Националната служба за безбедност.
Поранешната бугарска амбасадорка во САД и потпретседател на Политичкиот клуб, Елена Поптодорова, во изјава за ТВ Нова од Бугарија, рече дека руските служби имаат удобна позиција во Бугарија, како и појдовната точка во регионот, поради што има присуство на големиот број на руски шпиони. Поптодорова го коментираше и ставот на македонскиот претседател Стево Пендаровски за работењето на нарушување на македонско–бугарските односи од страна на руските служби.
Сите политичари кои за своите политичко-трговски цели ја напаѓаат Република Северна Македонија навистина му служат на рускиот интерес, но тоа е покомплексна слика отколку да се зборува за шпионски врски. Несомнено, тие претпоставени лица на кои укажува господинот Пендаровски се врзани со руските служби, затоа што тие имаат своја агенда, свој генезис, којшто може да го опслужува рускиот интерес, но многу тешко е да се најде врска со руските служби од аспект на инструкции, финансирање, итн. Меѓутоа, тезата само по себе е точна – сите политичари и политички партии во Бугарија, кои по свои многу политички и меркантилни цели ја таргетираат Македонија, му служат на рускиот интерес. Сепак, сликата е поширока од таа што ја пренесе Пендаровски, изјави поранешната бугарска амбасадорка во САД.
Во објавениот Регистар на руски шпиони нема податоци за Северна Македонија.
Јавно познати се информациите за протерани дипломати, кои служеа во амбасадата на Русија во Скопје. Во 2021 година двајца руски дипломати беа прогласени за персона нон грата, едниот во мај, а вториот во август, по што беа протерани. Русија реагираше со протерување на македонски дипломати од Москва.
Во март 2022 година македонското Министерството за надворешни работи (МНР) прогласи уште пет руски дипломати за перосна нон грата. Според МНР, дипломатите извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи.
Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар