Афористичар Коки: „Ѓаволот ја однесе шегата, затоа денес афоризмите не се смешни“

Новите шест афоризми на велешкиот афористичар Коки со поглед кон Владата, политичарите, подобар животен стандр како и граѓаните.
Во продолжение новите афоризми:
-Денес е многу полесно да се регистрира земјотрес, отколку автомобил.
-Кога ќе го погледнам составот на новава, реконструирана Влада, ми доаѓа да рикнам на цел глас и гневен да ја запеам: „каде сте македончиња, каде сте, кај отидовте…“.
-Ние сме воинствен народ, но во овие услови на живеење, тешко ќе можеме да се избориме за подобар животен стандард.
-Во голема заблуда сте ако помисливте дека политичарите, држејќи се за рака, се поздравуваат: тие само си го опипуваат пулсот.
-Кога би се вовела Нобелова награда за толеранција, тогаш нашиот народ со право би го понел ова ласкаво признание.
-Секој чесен граѓанин на своите плеќи го носи товарот на определена бројка корумпирани политичари.
П.С. Ѓаволот ја однесе шегата, затоа денес афоризмите не се смешни.
Афористичар
Никола Бошков – Коки
