Одделението за Акушерство на Здравствениот дом во Свети Николе доби нов родилен стол од Ротаријанците
Наместо на дрвен родилен стол стар четириесет години, од денеска, родилките на Акушерското одделение во светиниколскиот Здравствен дом „ Примариус д-р Гаврил Гаврилски“ ќе се породуваат на модерен и нов. Него го донираше Ротари клубот од Свети Николе потпомогнат од бизнис заедницата. Новиот родилен стол кој чини 4.800 евра со платен ДДВ го замени стариот дрвен и амортизиран како резултат на упорноста на медицинскиот тим на одделението кој цели деветнаесет години ја реализира кампањата „Пријатели на мајките и бебињата“ со цел да го подигне квалитетот на здравствените услуги во породилиштето.
-Многу Градоначалници на 1 јануари доаѓаа да поделат подароци на првиот жител и неговата мајка во Свети Николе а ние постојано баравме од нив помош за реновирање и опремување на Одделението за акушерство. Годинава имавме среќа актуелниот градоначалник Сашо Велковски освен што ни вети конкретно да започне со реализација на ветеното. Цели четири месеци набавката на родилниот стол беше тема на која се работеше. Велковски не препорача кај Ротари клубот и еве денеска во родилната сала го имаме посакуваниот стол што сметам дека ќе биде мотив родилките од Свети Николе да се породуваат на него наместо да одат во Скопје, Велес или Штип, рече д-р Надица Стојковска специјалист по гинекологија и акушерство.
Докторката соопшти дека за разлика од пред една деценија кога породувале по 100 родилки, а триесеттина поради потреба од оперативен зафат, царски рез, се пренесувале во Скопје или во болниците во соседните општини, последните години е намален бројот на раѓања во Здравствениот дом во Свети Николе.
„Да не се избрише Свети Николе“ ја именувале кампањата членовите на Ротари клуб на Свети Николе во чии рамки се обезбедени финансиски средства за купениот нов родилен стол.
-Посакавме на изводот на новородените деца во графата роден град да го пишува токму името на овој град, на Свети Николе, затоа што, за жал, на многу од нивнитеизводи на родени се впишани соседните општини или Скопје. Како најмлад Ротари клуб во државата со оваа и со идните наши донации сакаме да помогнеме во обнова на севкупната состојба во нашиот Здравствен дом, изграден како и останатите, во другите градови, во времето на поранешната држава Југославија. Почнавме од родилниот стол и сакаме да ги охрабриме родилките да ги раѓаат своите деца во Свети Николе, рече Ангел Димов претседател на Ротари клуб на Свети Николе.
Градоначалникот на Свети Николе им се заблагодари на Ротари клубовите од трите града, на бизнис заедницата но и на граѓани кои донирале средства за купување на родилниот стол.
-Се надевам дека создаваме услови за сите родилки во Свети Николе да се породуваат во ова акушерско одделение, значи во својот град. Идејата беше на д-р Надица Стојковска а заедно со менаџерскиот тим на Здравствениот дом се обидуваме да обезбедиме посовремени услови. Оваа донација е потврда дека сите заедно сме успеале, рече Сашо велковски, градоначалник на Свети Николе.
Изразувајќи благодарност до сите донатори директорката на Здравствениот дом рече дека се надеваи на идни донации како што е денешната и многу претходни со кои се подигнува квалитетот на здравствената услуга во градот.
-Се надевам дека со купувањето на овој акушерски стол ќе ја намалиме болката на родилките и ќе ја зголемиме радоста бидејќи раѓањето е поврзано со најголемата болка на една жена и со нејзината најголема радост, рече д-р Славица Панева директорка на Здравствен дом „ Гаврил Гаврилски “ од Свети Николе .
Таа ја поттикна заедницата и донаторите своите наредни помошти да ги насочат кон смена на медицинскиот мебел и апаратура, промена на подот и варосување на одделението. Исто така д-р Панева соопшти дека преку донации досега е обновена лабораторијата, прозорите на зградата на јавната здравствена установа, чаршавите, ќебињата и постелнината за новородените бебиња на одделението./У.Ј