Велешани не се прејадоа и препија за Велигден

Продолжениот викенд по повод Велигденските пранзици не го намали бројот на интервенции на Итна медицинска помош на Здравствен дом Велес. Напротив во текот само на еден ден, лекарите и медицинските сестри прегледуваа, поточно интервенираа, во просек 100 пациенти, додека во текот на ноќта, работата падна на товар на службата за домашна посета.
Освен хроничните пациенти, здравствените работници интервенираа најмногу на граѓани коишто се жалеа на симптоми на цревен вирус, со покачена температура а кај дел и со повраќање и дијареа.
-Во поглед на прејадување и конзумирање на поголеми количества алкохол изминатите четири дена не интервениравме, додека во делот на симптомите какошто се на пример цревниот вирус, бројот на пациенти беше по изразен. Исто така, во вкупната бројка на извршени прегледи, околу 400, стандардно ги вбројувам и пациентите коишто имаат хронични болести, рече портпаролката и началник на Итна медицинска помош, при Здравствен дом Велес, др Васе Поп Стефанова Панова.
Променливото време најверојатно ги направи по изразени симптомите на коишто се жалеа велешани во изминатите четири денови од празничниот продолжен викенд.
Убавка Јаневска
