(видео и фото) Велешкото семејство Мешкови одбележа 100 години меанска,кафанска и боемска традиција во градот и во Македонија
Во куќа што спроти Читкушева Чешма ја купил Јован Мешков отворена е првата меана во рамки на бакалница во Велес. Јован позади бакалницата поставил маси и столици за да ги послужува гостите со ракија и мезиња. Меаната е отворена во 1923 година и таа е прва во Македонија. Во неа подоцна се вработува и првата жена келнер, Ева. Јован Мешков бил првиот од семејството додека Трајче и Дуле Мешкови се засега последни во семејната лоза на угостители кои ја одржуваат традицијата преку сопствената кафеана „Боем“.
Тие заедно со чичко им Цоки Мешков со гордост, вчера вечер на свеченото одбележување на 100 годишнина од семејна, кафанска и боемска традиција во родниот град и во Македонија, ни ги покажуваа документите и написите како за почетоците така и за развојот на бизнисот заедно со објавени новинарски текстови, картички од задоволни гости и фотографии.
На свеченоста во игротека „Џуниор“, исто така дел од семејниот угостителски бизнис на Мешкови, Александар Кукулев ја раскажа приказната за велешкото меанџиство и боемство, Трајче Мешков зборуваше за почетоците и одржување на семејната традиција додека Дуле Мешков се заблагодари на сите кои низ минатиот век им биле поддршка и заедно со нив го печалеле лебот кафански. Исто така подели и награди на долгогодишни работници во гостилница „Боем“.
Ансамблот „Распеани велешани“, играорци на велешки ансамбли и културно уметнички друштва како и музички групи беа задолжени за убавата атмосвера во која меанџиско – кафанското и боемско семејство Мешкови, вчера вечер во Велес, одбележа еден век постоење, работа, мерак и кефови. Нека Ви е за многу години Мешкови!
Убавка Јаневска
Фото галерија