Во Свети Николе доделени решенија за набавка на трактори на 60 земјоделци

Објавено на 26 јуни, 2023 во 13:22

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како и со директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски во Свети Николе ги доделија решенијата за набавка на трактори на 60 земјоделци од овој крај.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека ова е дел од вкупно одобрените 730 решенија за државна финансиска поддршка на земјоделци, за набавка на трактори. Вакви решенија веќе се доделени во Битола и во Прилеп.

„Распишаните четири јавни повици минатата година, меѓу кои и за поддршка при набавка на трактори, имаат рекордна заинтересираност досега. За нас ова значи доверба на земјоделците во искрените заложби на Владата да ја помогнеме и унапредиме земјоделската дејност, преку сите механизми што ни се на располаѓање. Тоа е поддршката преку државниот буџет, како и преку ИПАРД програмите, преку коишто создаваме современо, модерно, профитабилно, конкурентно, македонско земјоделство. Државната финасиската поддршка на земјоделците, во овој случај, за набавка на трактори, е во форма на кофинасирање, до 75 проценти од вредноста на тракторот. Но, слушајки ги сугестиите на земјоделците од теренот, годинава креиравме и нова мерка за поддршка на бизнис план во земјоделството. Преку отворен јавен повик, земјоделецот има можност да добие поддршка до 10.000 евра за модернизација на своето производство, одбирајќи сам во што и кога ќе инвестира. Преку одговорниот пристап на работа на Владата, којашто за прв пат од независноста на државата, го постави земјоделството, заедно со енергетиката, каде што му е местото, меѓу приоритетните развојни дејности, постигнавме и низа конкретни резултати“, изјави премиерот Ковачевски.

Министерот Николовски на настанот зборуваше за поддршката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за модернизација на македонското земјоделство.

„Пред нас како министерство и Влада, сите овие години, си имаме поставено јасна цел, модернизација и развој на македонското земјоделство. Посветно работиме сите овие години во реализација на оваа наша поставена цел. Креирајќи конкретни мерки за поддршка на земјоделците, да го модернизираат своето производство.

Модернизацијата на македонското земјоделство покрај овој повик за набавка на трактори ја реализираме и преку поддршката за набавка на силоси, потоа преку поддршката во изградба на мандри, поддршка за набавка на опрема за производство на тутун, набавка на специјализирани комбајни и сушари за ориз, или системи капка по капка“, изјави Николовски.

На настанот на кој присуствуваа земјоделци и претставници на домашните добавувачи на земјоделска механизација, директорот Бачовски информираше за спроведената постапка по однос на мерката.

„Преку овие настани, денес во Свети Николе, а претходно во Битола и Прилеп, доделуваме финансиската поддршка во вид на решенија за 730 земјоделци. За оваа поддршка беа обезбедени 500 милиони денари од програмата за рурален развој. Агенцијата во изминатиот период активно работеше на спроведување на програмите за директни плаќања и исплата на субвенциите, реализацијата на интервентниот фонд како и на подготовките за новиот ИПАРД 3 програмски период кој доаѓа како нова можност за модернизација на земјоделските стопанства, преработувачките капацитети и руралните средини’’, истакна Бачовски.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.