Ташковски: Заштитете ги своите миленици од летните горештини, оставете им вода и на бездомните кучиња
Високите летни температури коишто достигнуваат и до 40 степени под сенка, влијаат врз здравјето животните исто како и кај луѓето. Затоа многу е битно сопствениците на домашни миленици, посебно на кучиња, максимално да се грижат за нив.
Како да ги заштитиме милениците од летните горештини го прашавме велешкиот ветеринар Сашко Ташковски, кој има своја ветеринарна амбуланта во градот. Според него, кучињата за разлика од нас луѓето не се потат бидејќи нивната терморегулација се регулира на сосема друг начин, но посочи неколку совети коишто сите сопственици и обожаватели на кучиња треба да ги почитуваат.
-Кучињата кои ги шетаме на поводници, тешко ја поднесуваат горештината и затоа мораме да се потрудиме да ги почитуваме правила за да не дојде до не сакани последици. Никогаш не го оставајте кучето во кола додека надвор се високи температурите. Во автомобил може да се покачи температурата за неколку пати повеќе од надворешната. Потоа, добро запознајте ја расата , некои од нив се во повисок ризик од останатите. Посебно на расите со сплескани/ брахиоцефални, муцки како булдог, мопс , како и тие со густо и црно крзно. Симптомите на претоплување изостануваат и за жал се појавуваат тогаш кога е прекасно. Посебно бидете претпазливи со мали кученца , дебели , како и со стари од сите раси, додаде Ташковки.
Прошетките на своите миленици практикувајте ги наутро и навечер. Ташковски советува и да не се штедите на вода. Понудете му на кучето да пие пред излегување и по враќање дома, но исто така, понесете со себе и сад за вода. Симптомите кои не се приметуваат на почетокот на претоплувањето, според ветеринарот може да доведат до задишеност, темно розов скоро црвен јазик кој е надвор од устата, сува, леплива уста, полна со плунка, желба да легне некаде, подигнување на нозете со намера да си ги излади шепите, тешко движиње и повраќање.
-Сите овие се знаци дека на кучето му е претопло . Меѓутоа тие нема да престанат да играат иако им е претопло, ќе прават она што Вие ќе им го кажете, се дури не колабираат. Доколку забележите дека вашето куче е нерасположено, брзо дише, повраќа, има дијареа и температура повисока од 40ºC, веднаш отстранете го од сонце и изладете го со туширање или со ставање топли облоги околу вратот. Во летните горештини, иако кучињата се капат, сепак може да дојде до топлотен и сончев удар. Чувањето кучиња на плажите под чадори не ја намалува можноста тоа да се случи. Исто така, во текот на летото, кучињата се изложени на поголем ризик да ги изгорат шепите од топлината, да се дехидрираат или да доживеат топлотен удар, додаде Ташковски.
Топлотниот удар кај кучињата може да доведе до откажување на органите, оштетување на мозокот, крварење, слепило, конвулзии или дури и смрт. Нивната нормална телесна температура е од 38 до 39 степени. Температурата повисока од 41 степен е фатална и бара итна ветеринарна помош. Затоа е важно веднаш да ги препознаете првите симптоми на топлотен удар и навреме да реагирате.
Да не ги заборавиме и бездомните кучиња коишто на високите температури се наоѓаат по градските улици. Ташковски советува на повеќе локации низ градот да се постават садови со вода којашто редовно ќе се заменува, но да се остава и храна.
Стефани Манева