ЦУК: Сите 18 пожари на отворено, во текот на вчерашниот ден, се изгаснати
Пожари на отворено утрово нема. Сите 18 се изгаснати, според информациите од Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК). Противпожарните тимови со целодневен ангажман, некаде и заедно со месното население ги изгаснале.
Изгаснатите 18 пожари настанале во сите делови на државата, а во некои општини имало и по неколку пожари на отворено, при што горела сува трева, ниска вегетација, мешана шума, една плевна а гореле и неколку депонии.
Конкретно, пожарите се случиле во:
Општина Зелениково, с.Орешани (каде што горела ниска вегетација и мешана шума); Општина Аеродром, с.Долно Лисиче (ниска вегетација); Општина Сарај, с.Бојане (ниска шума и вегетација); Општина Ѓорче Петров, с. Никиштане (ниска вегетација); Општина Битола, помеѓу селата Рапеш и Маково (ниска вегетација и шума); Општина Василево, с.Василево (ниска вегетација); Општина Ресен, с.Долно Дупени (ниска вегетација и плевна); Општина Кривогаштани, с.Бела Црква (ниска вегетација и депонија); Општина Василево (2), кај с.Градашорци и бензинска пумпа „Тритерол“ (ниска вегетација) и кај стариот пат с.Радичево и с.Дукатино (ниска вегетација); Општина Струга, с.Долна Белица (ниска вегетација); Општина Желино, с.Желино (ниска вегетација); Општина Врапчиште, с.Градец (ниска вегетација); Општина Виница, Виница (депонија); Општина Кочани, с.Грдовци (ниска вегетација); Општина Карбинци, с.Радање (ниска вегетација) и во Општина Куманово (2), кај с.Бедиње и с.Шупли Камен (каде што горела ниска вегетација).
Територијалните Противпожарни единици (ТППЕ) интервенирале и на неколку помали пожари на запалена сува трева во урбаните и населени места, а паралелно со тоа гаснеле и пријавени пожари на објекти во градовите и населените места.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира граѓаните да се воздржуваат од палење оган на отворено, а ако забележат пожар или, пак, друга опасност по граѓаните, а и по природните и материјалните добра во државата, едноставно да го пријават тоа на Единствениот телефонски број за итни случаи 112 во ЦУК. Потоа ЦУК ги презема активностите со коишто се остваруваат неговите задачи за координација со другите институции во државата, односно со субјектите на Системот за управување со кризи (СУК).