Здравствен дом Велес има нов лабораториски апарат, наскоро ќе ја прошири листата на услуги за пациентите (Фото)
Во лабораторијата на Здравствен дом Велес ставен е во функција нов лабораториски апарат имуноанализатор „Maglumi X3“ којшто овозможува попрецизни и побрзи резултати на анализи на многу помали концентрации на супстанци од крвта. Лаборантите на оваа јавна здравствена установа работат здравствени услуги како што се анализи на хормони, на постоечката листа на витамини, испитуваат и вредности на Д3 витаминот како и на сите полови хормони, меѓу кои и за проверка на функција на надбубрежна жлезда, испитување на тумор маркери и на вредности кои откриваат карцином на желудник.
Началничката на лабораторијата д-р Светлана Црнушева, специјалист по медицинска биохемија, рече дека по двогодишна работа со апаратот „Maglumi 800“, сега, новиот апарат којшто ќе дава побрзи и попрецизни резултати особено е значаен во делот на проширувањето на листата на здравствени лабораториски услуги коишто ќе се нудат на граѓаните на Велес.
„Пациентите се задоволни кога им соопштуваме дека освен назначените анализи или испитувања од страна на матичните лекари или специјалистите имаме можност да изработиме и други по специфични анализи на крвта. Тие немаат веќе потреба да одат во Скопје. Во лабораторијата се работат анализи на севкупен тироиден статус, хормони и антитела, чии резултати се признати од страна на Клиника за нуклеарна медицина и патофиза. Со тоа се скратени маките на пациентите од закажување на термини, одење во Скопје, земање на резултатите што за нив сепак претставуваше дополнителен трошок и во време и во пари. Новиот лабораториски апарат ја олеснува работата и севкупниот здравствен, лабораториски тим, на јавната здравствена установа. Исто така, апаратот, ќе овозможи по брзи и по експедитивни резултати. Лабораторијата издава резултати за неколку часа по земена крв од пациентите, значи истиот ден, додаде д-р Црнушева.
Д-р Црнушева најави дека набрзо ќе ја соопштат проширената листа на анализи што велешани ќе ја имаат на располагање во лабораторијата на Здравствен дом Велес.
Убавка Јаневска