Ангелов: Состојбата со пожарите на отворен простор е алармантна
Само во текот на вчерашниот ден,1 октомври, недела, имаше 37 пожари од кои два се гаснеа со ер трактор на ДЗС и хеликоптери на МВР, информираат од ЦУК. И покрај вчерашното интезивно гаснење, четири шумски пожари гореа во текот на целата ноќ и се уште се активни.
-Во текот на викендот почнувајќи од петокот, заедно со сабота и недела имаше вкупно 95 пожари на отворен простор. Во текот на септември се регистрирани вкупно 778 пожари на отворен простор од кои 43 се гаснети со воздухоплови. Апелирам до сите земјоделци да не ги палат стрништата а сточарите пасиштата. Сериозни врнежи нема подолго време, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури се се уште високи, пожарникарите и пилотите се исцрпени и на крај на силите, рече директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Ангелов апелира до сите градоначалници да ги следат законски пропишаните процедури и да бараат воздушна подршка тогаш кога се исцрпени сите останати можности. Пожари не се гаснат од воздух со ер трактори и хеликоптери без подршка на пожарникари од земја. Невозможно е да се изгасне пожар додека врз него не згазне пожарникарска чизма.
Инаку, во моментов има шест активни пожари од кои три се поголеми и поопасни. До вечер ќе станат многу повеќе. Напоменувам дека и најмалиот пожар за миг може да прерасне во голем пожар кој ги загрозува човечките животи, здравје и имот, додава Ангелов.
Дума.мк