(фото) Храна, рачни изработки, книги и уметнички дела на хуманитарниот базар организиран од ООУ „Блаже Конески“
Пред платото на велешкиот театар, денеска, беше поставен хуманитарен базар „Биди кул, прифати различности“, организиран од ООУ „Блаже Конески“ во Велес. Граѓаните коишто поминуваа, но и учениците имаа можност да купуваат од големиот број понудените производи на четирите штандови и истовремено да донираат.
На првиот штанд, за здрава храна, учениците си купуваа овошје, зеленчук, мармалади од разен вкус, но и погачи, кифлички направени од родителите на учениците. Вториот штанд беше наменет за ракотворби направени од страна на учениците и родителите, третиот штанд нудеше книги и накит додека последниот уметнички дела изработени од учениците.
-Нашето училиште го организира овој хуманитарен базар во склоп на проектот насловен „Инклузија на деца со ПОП“ заедно со здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“. Проектот всушност е инклузија на деца со посебни образовни потреби и овој базар е хуманитарен и со продажен карактер. Се што нудиме на базарот е изработено од нашите ученици и нивните родители и книгите којшто се дел од едниот штанд ни се донација од издавачките куќи Култура и Топер. Нашата цел е средствата што ќе ги собереме да бидат наменети за набавување на дидактички материјали за работа со ученици со посебни образовни потреби, рече Марија Јорданов – специјален едукатор и рехабилитатор во училиштето.
За време на базарот, Ива Ракиџиева заедно со Роберт Андовски, професор во музичкото училиште „Стефан Гајдов“, ги забавуваа присутните со македонска поп музика. Музичкиот настап всушност беше доказ за одличната соработка помеѓу училиштето „Блаже Конески“ и Младинскиот центар Велес.
-Многу сме среќни што денеска сме дел од овој прекрасен хуманитарен настан. Нас ни падна задачата да ги забавуваме присутните и овој предизвик го прифативме со задоволство. Младинскиот центар има богата соработка со училиштето „Блаже Конески“ и секогаш се поддржуваме меѓусебе. Сакам да напоменам дека за време на овој едно часовен настап се користеа нови инструменти коишто Младинскиот центар ги доби преку проект кој во текот на реализацијата беше целосно поддржан од ова училиште, рече младинскиот работник Ивана Јордева.
Хуманитарниот базар беше отворен повеќе од два часа и беше посетен од голем број на ученици, волонтери на Младински центар Велес и граѓани.
Стефани Манева
фото: