Досега се работеше на ископ а од утре започнува изградбата на Подземната гаража за паркирање на возила во Велес (видео и фото)

Објавено: 13 септември, 2026, во 13:48 часот

Не беше едноставна работата на изведбата на јамата, длабока 13 метри, во централното градско подрачје за изградба на Подземната катна гаража, рече градоначалникот Марко Колев денеска на поставувањето на камен темелникот. Според него во изминатата година и некој месец е завршен потешкиот дел од изведбата на капиталниот објект. Освен ископот и изнесувањето на земјата, исто така, изведени се 107 колови кои се наоѓаат на над 13 метри длабочина во земја и 253 анкери на различна длабочина од 15 до 21 метри. Колев ги наброја и предизвиците со кои се соочија проектантите и изведувачите на градежните работи досега и најави дека велешани на крајот од првата половина на 2027 година ќе можат да ги паркираат своите возила во оваа гаража.

На свеченоста присуствуваше и премиерот на Влада на Македонија, Христијан Мицкоски кој истакна дека кога била направена добра подготовка, неговото искуство кажувало дека 90 отсто е завршена работата.

Со симболично ставање на лопата бетон во поставувањето на камен темелникот бетон прв стави премиерот Мицкоски а потоа градоначалникот Колев, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пратениците Игор Здравковски и Александар Јамалов.

Инфраструктурниот капитален објект со површина од 1.508 метри квадратни ќе биде на три нивоа, со капацитет за околу 100 паркинг места како и влез од страна на улица „Гоце Делчев“. Од сегашна позиција на изведба изгледа вака.

Подземната катна гаража ќе биде висока 15 метри, ќе се изедначи со веќе изведениот дел од плоштад пред зграда на Основен суд Велес. Така ќе се добие втората, нова површина на плоштадот, кој исто така ќе биде реконструиран и оплеменет со урбани елементи и дрвја.

Изградбата на Подземна гаража во Велес чини 221 милион денари, обезбедени од Владата преку унгарскиот кредит.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.