Д-р Дамчевска Илиевска: Како до образование со континуитет и знаење?
Објавено: 12 септември, 2026, во 09:08 часот
Информацијата за резултатите од тестирањето на ПИСА според кое, само 26% од учениците во Македонија, учеле со разбирање, ме поттикна да ја напишам оваа колумна.
Во Македонија постои еден сериозен феномен во образованието:
– секој почеток се гради врз исклучување и негирање на претходното.
Доаѓа нова власт, промовира нов пристап. Нови луѓе. Нови програми. Нови проекти. Нови приоритети.
Наместо да се надградува тоа што е создадено, често се брише професионалната меморија на системот.
А меѓу луѓето што се тргаат од процесите има наставници, директори, психолози, педагози, професори, автори и обучувачи кои со години создавале програми, обучувале кадри и стекнувале искуство.
Зошто секогаш мора да почнуваме од почеток?
Образованието не е партиски проект. Тоа е национален процес.
Токму затоа партизацијата е канцер во образованието.
Кога политичката припадност станува поважна од стручноста, системот ја губи меморијата. А систем без професионална меморија постојано ги повторува истите грешки.
Имав прилика да учам за лидерството од најдобрите во Република Словенија. Во тоа време еден министер за образование беше 11 години, иако се менуваше политичката опција, тој остана да ги спроведува реформите, затоа што сите се согласиле околу стручноста и компетенциите на човекот.
Но денес имаме уште еден голем предизвик: вниманието на детето.
Не можеме од ученикот да бараме концентрација, читање со разбирање и критичко размислување, додека мобилниот телефон му е во раката и постојано му нуди нова порака, видео, игра или известување.
Телефонот има свое место во животот и во современото образование. Но часот мора повторно да му припаѓа на учењето.
Потребно е јасно правило: за време на наставата мобилните телефони да бидат надвор од рацете на учениците, со прецизно утврдени исклучоци кога се потребни за наставни цели или поради оправдани потреби.
Ова не е борба против технологијата.
Ова е заштита на вниманието.
Детето има право на час во кој слуша наставник, разговара со соученик, чита книга, решава задача, поставува прашање и мисли без постојано прекинување.
Ако сакаме читање со разбирање, мора да создадеме услови за разбирање.
Ако сакаме концентрација, мора да го чуваме вниманието.
Ако сакаме критичко мислење, мора да му дадеме на детето време да мисли.
ПИСА, затоа не треба да ја гледаме само како оценка на учениците, ниту како основа за обвинувања! Таа треба да биде огледало на системот и поттик да го преиспитаме целиот образовен процес: наставата, учебниците, методите, улогата на наставникот, семејството, директорот, професионалниот развој, дигиталните навики и пред сè, културата на учење.
Особено е важно вклучувањето на родителите во процесот, не само про форма, туку суштински, партнерски!
На Македонија ѝ треба образовен систем што има меморија и способност за надградување.
Да го зачува доброто од вчера.
Да го поправи тоа што не функционира.
Да ги слушне луѓето што знаат и умеат. Да не ги исклучува како политички неподобни!
Да ги измери резултатите.
Да ја користи технологијата како алатка, а не како замена за вниманието, разговорот и мислењето.
И секогаш да го постави најважното прашање:
Што добива детето?
Затоа што се’ се менува.
Програмите се менуваат.
Технологијата се менува.
Но детството и младоста поминуваат само еднаш.
Децата и младите остануваат со последиците од нашите одлуки.
Затоа образованието мора да има континуитет, професионална меморија, јасни правила и една непроменлива цел:
– детето да чита со разбирање,
– да слуша со внимание,
– да мисли со своја глава и
– да учи со разбирање и со критичка мисла.
Весна Дамчевска Илиевска
лиценциран психолог, обучувач за директори во образованието,
доктор на науки за мир и развој

