Д-р Давчева:„Не припаѓам овде или конечно почнувам да припаѓам на себе си?“
Објавено: 19 септември, 2026, во 10:31 часот
Можеби најчудното нешто што ни се случува денес не е тоа што светот со голема брзина се менува, туку тоа што сè потешко можеме да се потпреме на него за да ни каже кои сме, а на што сме навикнати. Понекогаш еден човек може да има работа, семејство, пријатели, дом, обврски, планови… и сепак, некаде длабоко во себе да живее со доживувањето: Не припаѓам овде!“
Не знае точно каде припаѓа. Не знае ниту што точно му недостига. Само чувствува дека нешто не е негово. Како да живее живот што однадвор изгледа сосема нормално, а одвнатре има чудно чувство на оддалеченост, отуѓеност.
Станува наутро. Оди на работа. Завршува обврски. Се смее кога треба. Разговара. Планира. Функционира…
Но понекогаш, во тишината, се појавува едно непријатно прашање:
„Што јас всушност правам овде?“
И уште потешкото:
„Дали ова навистина го сакам јас или само научив дека треба да го сакам?“
Токму тука започнува нешто важно. Не секогаш се работи за психолошка криза. Не секогаш е депресија. Понекогаш Е свесност!
КОГА ЖИВОТОТ ПОВЕЌЕ НЕ СЕ ВКЛОПУВА ВО СТАРАТА СЛИКА ЗА НАС
Постојат периоди во животот кога нешто што порано функционирало, одеднаш престанува. Истата работа веќе не нè исполнува. Истата врска повеќе не нè храни. Истите разговори нè заморуваат. Истите луѓе со кои некогаш сме се чувствувале блиски, одеднаш ни стануваат далечни. А најчудно е што можеби ништо драматично не се случило. Само ние веќе не сме истите.
Проблемот е што психата често сака да го задржи познатото, дури и кога познатото веќе не е живо. Затоа понекогаш продолжуваме да бидеме „добри деца“, иако одамна сме возрасни. Продолжуваме да бидеме оние што ги смируваат другите, што не се спротивставуваат, што мораат да бидат успешни, силни, сакани, оние што мораат да се вклопат. Со текот на времето, овие начини на однесување можат толку длабоко да се вградат во нас што престануваме да ги препознаваме како научени, а ги нарекуваме:
„Таков сум јас!“
Но дали навистина? Колку од она што го нарекуваме карактер е всушност начин на кој некогаш сме научиле да бидеме прифатени? Колку од нашата „смиреност“ е всушност страв од конфликт? Колку од нашата „скромност“ е страв да не бидеме премногу видливи? Колку од нашата „одговорност“ е страв да не разочараме некого? И колку од нашиот живот навистина е наш?
Живееме во време во кое промената стана секојдневие. Технологијата се менува. Начинот на работа се менува. Односите се менуваат. Начинот на комуникација се менува. Она што вчера беше сигурно, денес веќе не е. Имаме повеќе информации, повеќе избори, повеќе можности. Но повеќе избор не значи автоматски и повеќе внатрешна слобода. Напротив. Понекогаш колку повеќе имаме избори, толку потешко ни е да почувствуваме што ние сакаме.
Постојано гледаме што прават другите, како живеат, што постигнуваат, како изгледаат, каде патуваат, што купуваат, со кого се дружат, колку се успешни, колку се сакани…
И незабележливо почнуваме да го мериме сопствениот живот според туѓите животи.
Така човек може да биде постојано поврзан со светот, а истовремено сè подалеку од себе. Може да има стотици контакти, а да нема вистински контакт со сопствените потреби. Може постојано да комуницира, а да не знае што навистина чувствува. Може да знае што мислат сите други, а да не знае што мисли тој.
ПРАГОТ НА КОЈ СТАРИТЕ ИДЕНТИТЕТИ СЕ РАСПАЃААТ, А КОЛЕКТИВОТ ПРЕСТАНУВА ДА БИДЕ РОДИТЕЛ
Постојат моменти кога старото „ЈАС“ повеќе не функционира, а новото сè уште не е создадено. Тоа е еден од најнепријатните човечки простори. Старото веќе не нè држи.
Но новото сè уште нема форма. И токму тогаш најчесто велиме: Не знам што ми се случува, не се препознавам, нешто не е во ред со мене, не знам каде ми е местото…
Но можеби не секогаш нешто не е во ред. Можеби нешто во нас се менува. Најнепријатниот дел од промената не е кога старото умира, туку кога старото веќе не живее, а новото сè уште не е родено. Тогаш човек се чувствува како да не припаѓа никаде. Но токму таму започнува вистинското прашање:
„Кој сум јас без она што досега ми кажуваше кој треба да бидам?“
Ако погледнеме внимателно, понекогаш нашиот колективен начин на функционирање потсетува на нешто многу познато: училишен двор… Кој е прифатен? Кој е исмеан, отфрлен? Кој има моќ? Кој е популарен? Кој добива внимание, а кој е игнориран?
Само што денес училишниот двор има многу поголем простор. Има многу повеќе публика. Има алгоритми. Има коментари. Има јавно изложување. Има брзо создавање групи и брзо исклучување од нив.
А човекот, иако физички возрасен, понекогаш и понатаму ја носи старата неизвесност и детско прашање: „Ќе ме прифатат ли?“
Можеби токму затоа толку лесно се делиме на „ние“ и „тие“… Затоа толку многу нè погодува туѓото мислење. Понекогаш ни е поважно да бидеме во контакт, отколку да бидеме во право. Се плашиме да бидеме различни, не затоа што сме лоши луѓе, туку затоа што потребата да припаѓаме е една од најдлабоките човечки потреби.
Но постои еден проблем: Кога потребата да припаѓаме станува посилна од потребата да бидеме свои, почнуваме да се губиме.
Како деца, природно ни требало некој да ни каже што е за нас безбедно – а што не е, што е добро – а што не е, како е потребно да се однесуваме… Тоа ни помагало да создадеме чувство за себе и светот. Но кога растеме и зрееме, нешто треба да се промени. Она што некогаш доаѓало однадвор, постепено треба да се изгради одвнатре. Потребно е да развиеме сопствено чувство што е наше – што не е наше, што сакаме – што не сакаме, што ни одговара – што повеќе не ни одговара. Тоа е развој на внатрешната авторитетност.
Но денес повторно сме во период во кој старите авторитети ја губат својата сила.
Старите правила не се доволни. Старите улоги се распаѓаат. Старите дефиниции за успех, семејство, работа, припадност и идентитет повеќе не функционираат за секого.
И тоа може да создаде чувство на хаос. Како колективот повеќе да не знае што треба да ни каже…
И можеби тука лежи една важна можност:
Кога колективот престанува да биде родител, човекот мора да почне да станува возрасен.
На почетокот тоа може да боли, затоа што полесно е некој да ни каже кои сме и како треба да функционираме. Потешко е сами да се запрашаме и да истражиме.
СЕНКАТА КОЈА ИЗЛЕГУВА НА ПОВРШИНА
Во периоди на големи лични промени, излегува на површина она што е убаво во човекот, но излегува и она што долго било потиснувано, а тоа е гневот, стравот, тагата, зависта, потребата за моќ, потребата да се биде виден, посебен, потребата за контролирање…
Сенката не ја содржи само „лошата“ страна на човекот. Во неа се наоѓаат и делови од нас кои сме ги потиснале затоа што некогаш не биле прифатливи: нашата смелост, различност, нашиот глас, нашето „не“, нашата желба, нашата сексуалност, спонтаност, нашата способност да кажеме: „Јас сум поинаков!“
Затоа средбата со сопствената сенка не мора да значи страв и неизвесност, туку доживување на конечен почеток да го видиме она што долго сме го оставале надвор од сликата за себе.
И токму тука започнува вистинската работа: не да го уништиме тој дел од себе, туку да го запознаеме и да го прашаме што се обидува да ни каже.
Кога човек вели: „Не припаѓам овде“, најчесто сака да најде свое место.
Но можеби понекогаш треба да застанеме и да се прашаме дали навистина ни треба ново место или ни треба нов начин да бидеме на местото каде што сме? Да си дозволиме некогаш и да не знаеме, само да почувствуваме, да забележиме, да препознаеме, да признаеме и да прифатиме. Да си дозволиме да бидеме различни. Да започнеме повторно да го слушаме сопствениот внатрешен глас затоа што свесноста не започнува со големи одлуки. Понекогаш започнува со едно мало, но искрено: „Ова не го сакам.“ Или: „Ова го сакам.“ Или: „Не знам што сакам, но знам дека вака повеќе не сакам.“
И тоа е доволно за почеток.
А МОЖЕБИ ВИСТИНСКОТО ПРАШАЊЕ Е ДРУГО…
Цивилизираноста не е исто што и психолошка зрелост. Можеме да изгледаме многу возрасно, а сè уште да живееме од места во себе што никогаш навистина не пораснале.
Можеби голема заблуда е дека зрелоста значи конечно да го најдеме местото каде што совршено припаѓаме. Зрелоста е способност да бидеме со другите, а да не се напуштиме себеси. Да можеме да кажеме „не“ и да ги зачуваме своите граници без да се чувствуваме како лоши луѓе. Да кажеме „не знам“ без да се чувствуваме помалку вредни. Да не се согласуваме, а сепак да останеме во контакт. Да бидеме различни без постојано да бараме потврда дека сме во право. Да бидеме свои без постојано да бараме дозвола за тоа.
И тогаш прашањето: „Каде припаѓам?“ полека се претвора во нешто многу подлабоко: „Кој сум јас кога повеќе не морам да припаѓам по цена да се изгубам?“
Тоа е тежок процес, затоа што бара да се откажеме од нешто со што можеби долго сме се штителе: од потребата сите да нè разберат, сите да нè одобруваат, сите да нè сакаат, сите да мислат добро за нас и да не прифатат…
Но човек не може да биде слободен ако неговото чувство за сопствена вредност зависи од постојаното одобрување на другите.
Можеби затоа денес толку многу луѓе чувствуваат дека „не припаѓаат“ не затоа што нема место за нив, туку затоа што старото место веќе не им одговара. Не затоа што се изгубиле, туку затоа што повеќе не можат да живеат во старата верзија од себе.
И можеби тоа е една од најтешките, но и највредните животни транзиции.
Не мора веднаш да ги имаме сите одговори, доволно е да започнеме да си ги поставуваме вистинските прашања. Да застанеме и да не бегаме веднаш во следната улога, следната врска, следниот успех, следното одобрување. Да останеме малку со себе, бидејќи најважната припадност не е онаа што ја добиваме од групата, туку онаа што ја создаваме внатре во себе.
И токму тогаш, еден ден реченицата: „Не припаѓам овде“ повеќе нема да звучи како крик на човек кој е изгубен, туку како глас на човек кој конечно почнал да се враќа кон себе и да се слуша.
Не во некој нов свет, не во некоја нова група, не во некој нов идентитет.
Туку во себе…
Мимоза Давчева
д-р на науки, психолог, психотерапевт, едукатор


