ЗАГАДЕНА ЖИВОТНА СРЕДИНА, НЕ ФУНКЦИОНАЛНИ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ, ТРОМА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА И ПАРТИСКИ ВРАБОТУВАЊА, ДЕЛ ОД ПРИОРИТЕТНИТЕ ПРОБЛЕМИ НА ГРАЃАНИТЕ ВО ВАРДАРСКИ РЕГИОН
Последиците врз здравјето од повеќе децениското загадување на воздухот, водата или почвата од тешката индустрија, од асвалтна база и од свињарски фарми, депониите со смет и шут, недоволната грижа за јавната хигиена, нефункционалните урбанистички планови и повеќегодишно чекање за легализација на објекти како и трома јавна администрација, партиски наместо вработувања според квалификации и знаења, се дел од приоритетните проблеми на граѓаните коишто живеат во Вардарски регион.
Вакви резултати покажа анкетата што Дума мк. ја спроведе и на која одговорија 52 испитаници, жители на општините Велес, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман, Чашка и Лозово.
Најбројни се еколошките проблеми со кои граѓаните и граѓанките секојдневно се соочуваат. За велешани најгорлив проблем сеуште е црниот рид со топилничарската згура, која и по 10 години од затворањето на поранешната Топилница за олово и цинк во Велес, не е дислоцирана додека ветерот ја разнесува во воздухот што тие го дишат. Тешките метали во троската преку подземните води ја загадуваат почвата и директно се вливаат во река Вардар. Дополнително велешкиот воздух е загаден и од базата за производство на асвалт на јавното претпријатие „Македонија пат“ сметаат испитаниците. За нив голем, исто така, сериозен еколошки проблем се депониите со смет и шут покрај река Бабуна, прогласена за карактеристичен пејсаж,на потегот од локалитетот „Пешти“ до вливот во река Вардар, каде тие најчесто бараат спас од летните горештини.
Испитаниците, одговарајќи на прашалник, покажаа и голема самокритичност, особено во делот на организираното собирање на сметот од јавните површини.
„Треба да се менува свеста за отпадот кој го создаваме користејќи брза храна и амбалажа од пијалоци. Несоодветните начини на прибирање на отпадот од страна на ЈКП „Дервен“, навиките на изнесување на сметот од домовите, независно во кој дел од денот, во отворените јавни контејнери, го прават Велес нечист град. Потребно е чистење на зелените површини не само на главните улици туку и од второ или трето ниво. За овој дел, одговорноста за одржување на хигиената не е само на градот туку и на самите нас, граѓаните, кои ја загубивме одговорноста надвор од домот. Посебни приказни се градежниот и електронскиот отпад,“ напиша испитаник.
Граѓаните и граѓанките, за приоритетни ги чувствуваат, проблемите што им ги создаваат нефункционалните урбанистички планови во услови кога градските власти не им нудат решенија додека државниот Катастар преку погрешно исцртани гранични линии на парцела одзел и дел од имот.
„Поради грешка при дешифрација на гранична линија од авионско снимање, Катастар ми одзема 20 м2 и му ги додаде на парцелата на соседот. Моите оригинал документи не важат туку важат тие од авионското снимање. Два пати поднесов документи за исправка а тие ми одговараат да направам Елаборат и ми бараат согласност од соседот. Ако нема согласност од соседот, ми велат, не важи Елаборатот. И така го избегнуваат решението иако јас им укажувам дека за дешифрација не е потребна таква процедура, “ напиша испитаник од Неготино.
Во градовите на Вардарски регион сеуште постојат стари водоводни линии со азбестни цевки од кои граѓаните пијат а неретко нивните домови остануваат и без вода. Од комуналните проблеми ,испитаниците, ги посочија и еколошките инциденти предизвикани од отворени канализациони мрежи што се вливаат во реки, со месеци раскопани улици по поправки од страна на комунални служби како и злоупотреби на воздушен простор од испреплетени кабли на електродистрибутивни, телекомуникациски и кабелски оператори.
И вработувањето е приоритетен проблем. Граѓани од рурални општини не можат да се вработат затоа што во нив нема инвеститори и не се отвораат работни места додека во поголемите општини поради востановената пракса на „партиски вработувања“.
„Да има повеќе вработувања во Лозово, како во други градови,“ напиша испитаник од оваа рурална општина.
„Пет години немам договор за работа.“ „Работа нема, се е партиски. Ако не си член на некоја партија нема работа,“напишаа испитаници од поголеми општини.
Додека дел од граѓаните и граѓанките бараат работа, тие што се вработени, се жалат дека нема кој да ги заштити кога се соочиле со прекршувања на работничките права од страна на работодавачите. Затоа трпеле мобинг, работеле за време на државни и верски празници, но и за време на викенди. Дел од нив се соочиле со присилно напуштање од работа потпишувајќи спогодбено раскинување на Договор за вработување. На нивно место, „газдите“ си вработувале роднини и пријатели.
„Нестручно раководење од менаџери, непочитување на законите и нефункционалност на инспекциите, немањето на работнички права и можност за заштита ни од синдикат ни од институции, доведува до вакви несакани ситуации.“
„Кажете ми Вие кои работнички права ги имаат текстилците, работат за празник, во сабота, во недела?!“
„Бев редар во банка додека трае кризата со „Ковид-19“ и по девет месеци директорот ми рече дека се укинала одредбата и дека повеќе не треба да доаѓам на работа. По два дена си вработи негов човек.“
„Се работи за вработување во кое ми беа прекршени правото на слободен ден, присилување на работа на празници а работев за минималец, во нехумани услови, без запазување на заштита и безбедност при работа и заштита од „Ковид-19“ и на крај ми беше прекинат Договорот за работа затоа што на работодавецот му укажав за последниот празник, секако неплатен, дека нема да дојдам на работа а тој со мобинг и викање ме присили да потпишам спогодбен отказ. Ги жалам работниците што таму работат , сите се над 60 години, пред пензија и како сака така им прави,“ пишуваат испитаници од Вардарскиот регион.
Анкетираните граѓани се жалат и на нефункционалната администрација, на неможноста да излезат од категоријата на граѓани во социјален ризик или сиромаштија како и да остварат права што им следат од социјална заштита. За дел од нив проблем се големиот број на бездомни животни на градските улици како и сообраќајниот метеж во нивните локални заедници.
Од одговорите на испитаниците може да се заклучи дека тие знаат кај кого треба да се обратат за решавање на проблемите но и дека воглавно одговорите доцнеле со месеци па и по неколку години додека мал дел дошле до решенија. Резултатите од анкетата покажаа дека постојат граѓански проблеми кои не се решени во временски период од една до 30 години.
Граѓаните најчесто решенија барале од Градоначалници, членови на Совет на општини, инспектори за животна средина, локална администрација и јавни претпријатија. Доколку не биле игнорирани, општинските власти , најчесто им давале негативни одговори. Постојат граѓани коишто во директни контакти или „врски“ стигнале до решенија. На анкетата одговорија и испитаници кои помош побарале од Владата, од министерства, од Државен Катастар и внатрешна контрола на оваа институција, како и од Инспекторат за заштита на животна средина, но не се задоволни ни од третманот на службениците ниту од временскиот период за одговор. На одговор чекале подолго од законски утврдениот рок, од 15 до 30 дена. Постои испитаник што добил пресуда на Врховен суд којашто Основен кривичен суд ниту по една година не ја спровел.
На прашалникот на Генералниот повик до граѓаните и граѓанките за предлог теми за соработка со новинарите на Дума.мк одговорија вкупно 52 испитаници што живеат во Вардарски регион. Најголем број од нив, вкупно 44 или 84,6% се од Општина Велес, тројца или 3,9% од Општина Лозово и по еден или 1,9% од општините Кавадарци, Демир Капија, Неготино, Росоман и Чашка. Анкетата не ја пополни ниту еден граѓанин на општите Свети Николе и Градско.
Од вкупниот број на анкетирани по 14 испитаници или 26,9% се на возраст од 30 до 45 години како и од 46 до 55 години, 12 испитаници односно 23,1% се на возраст од 18 до 29 години, осуммина или 15,4% на возраст од 56 до 65 години додека четворица или 7,7% имаат 65 и повеќе години.
Според полова структура анкетниот прашалник го одговорија 30 жени или 57,7% и 22 мажи или 42,3 отсто од вкупниот број на испитаници.
Тим на Дума.мк