Угледен медиумски интегритет, главна цел во борбата против корупцијата
Истражувачкото новинарство преку својата аналитичка, објективност и непристрасност во функција на остварување на јавниот интерес, претставува вреден медиумски придонес во борбата против корупцијата. Една од главните цели на борбата против корупцијата е да се обезбеди угледен медиумски интегритет како на медиумите така и на медиумските работници. Го има ли македонската медиумска заедница ? Ова прашање често пати сум си го поставувала во повеќе децениската работа како медиумски работник.
Се сеќавам кога за прв пат сама себе си се прашав. Тоа беше времето на транзицијата, поточно, приватизацијата на општествениот во приватен капитал. Крајот на минатиот и почетокот на 21 век. Додека пред очите на новинарите, со микрофони во рака и на пеколни летни температури, се одвиваа не една туку серии на драмски сцени, во кои едни од други локални моќници, ги превземаа фабриките од работниците „стигна првиот непристоен предлог“. Го кажа еден директор во време на губење на моќта и неможност да остане на врвот на управувачката структура а гласеше: „ За толку и толку марки, можете да ги пишувате новинарските текстови. Нам ни треба помош а вам пари!“ Пред неговите очи веројатно се вртеа банкнотите на странските валути додека пред нашите, новинарски, очите на работниците со изгубен поглед и со страв од неизвесноста на животот. Штом ги избравме вториве,работниците, вратите на директорскиот кабинет за информации од јавен интерес целосно се затворија. А не беа блиндирани!
Кога повторно си го поставив истото прашање веќе беа поминати чинам десеттина години потоа. И беше уште поразочарувачки, бидејќи стигна од кротка и неука жена, мајка на болно, поточно на повредено момче додека ги извршувал работните задачи и го бранел суверенитетот и интегритетот на својата, на родената земја. И на граѓаните во неа. Таа, држејќи 500 денари во рака, се обиде да го плати потрошениот бензин, исто како и на новинарска екипа која претходно стигнала да сними приказна за неправдата што му е нанесена на нејзиното неподвижно дете. Ја посоветувавме парите да останат во нејзина рака за да ги плати и дава на синот препишаните лекови на рецепти. Овој случај имаше разврска. Но, поинаква од претходниот затоашто државата ја призна сопствената вина. Здравјето на момчето го компензираше со инвалидска пензија како и со социјални надоместоци што по закон му следуваа. Но, како што системот до ден денешен не успеа да го извади момчето од инвалидската количка така таа, една веќе дадена за бензин банкнота, од 500 денари, не успеа да се отргне од вниманието на граѓаните кои дознале и за неа сеуште раскажуваат.
Во изминатите три децении за угледот и медиумскиот интегритет се потсетуваме во време на скоро секој изборен циклус во државата. Тогаш, кога е бескомпромисна борбата на владеачката гарнитура да остане и на опозицијата да дојде на власт. Кога цената на банкнотите, на вреќите брашно, маслото за јадење, шеќерот и солта се најефтини и во време кога на нив политичките опоненти не гледаат со лупата што мери корупција. Ниту на поткупите за кои често се говори неофицијално, наместо гласно и точно, со факти и аргументи. Поткупите не се докажуваат во институциите кои народот ги плаќа исто како и точните суми на платените предизборни медиумски кампањи. Легално, постојат финансиски документи коишто се нарекуваат фактури. Но, никој не истражил и точно потврдил дали навистина се единствениот начин да се платат стотиците секунди политичко рекламирање во „големите“ или во „малите“ медиуми, во оние кои се регистрираат и почнуваат со работа пред секој изборен циклус, во постоечките печатени, традиционални или он лајн медиуми ?
А прашуваме, пишуваме и читаме кога Државната комисија за спречување на корупција се обидува да докаже корупциски скандали. Но, колку тоа е доволно и колку оваа институција сама може да открие, да обезбеди докази и да разобличи корупција? Што ли прават останатите државни институции? Каде сме ние медиумските работници да истражуваме, докажуваме и расветлуваме случаи во „нашиот двор“? Исто како што тоа го правиме во случаите кога со сите сили се бориме да ја ограничиме злоупотребата на власта преку откривање на сомнителни работни места во политиката, во економијата, во јавната администрација, во судството како исклучително важни за граѓаните и за државата.
Се ова, во контекст на тоа што сите добро знаеме дека борбата против корупцијата во медиумите има единствена или главна цел, да се зачува јавниот интерес со практикување на професионалните стандарди и зајакнување на механизмите за заштита на правата на граѓаните на квалитетни и веродостојни информации без бенефиции и клиентелистичка зависност.
Oвој новинарски текст/новинарска сторија е подготвен од авторката Убавка Јаневска ангажирана од Советот за етика во медиумите во Македонија со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во овој новинарски текст/новинарска сторија и припаѓаат на авторката и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.