Актерката Чавише: Театарот отвора дијалог и прашања за војните и последиците, eдно од нив е за бегалците (интервју)

Објавено: 6 декември, 2025, во 16:25 часот

Актерката Рафика Чавише е млада актерка која ја подготви концепцијата, адаптацијата, режијата и самата изведба на претставата „Агамемнон-кругот на крвта“ на „LA MaMa Theatre New York и Titania Productions од Атина со која пред велешката публика се претстави на годинешното издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2025“. Токму од велешкиот фестивал започна европската турнеја на оваа претстава чија премиерна изведба се одржа минатата година во Њујорк, САД.  

Со актерката Чавише разговорот за Дума.мк го снимивме веднаш по прикажувањето на претставата која беше селектирана во официјалната фестивалска конкуренција. Поточно откако публиката со громогласен аплауз ја награди претставата „Агамемнон-кругот на крвта“ која изобилуваше со комбинација на кинематографска визуелност, жива игра и поетски текст преку коишто се трансформира древната митологија во актуелен дијалог за денешниот свет, односите на Западот со Блискиот Исток, моќта и отпорот, сеќавањето и правдата. Младата актерка всушност настапи сама и успеа да прикаже динамична и жива игра на сцена.  

Таа е дете на родители во политички егзил, нејзиниот  татко кој е од Сирија, веќе 60 години не може да се врати во својата татковина, а и нејзе, како негова ќерка, не’ и е дозволено да оди и да ја посети земјата на своите претци.

Во претставата збогатена во позадина со видео инсерти од вистински настани, извонредната актерка ни пренесе силни и емотивни сцени од многу страдања и убиства на невино население низ историјата до сега,  посебно  на децата во војна и егзил. Чавише ја прене и болката на мајката за загинатото дете. Поточно актерката Чавише на публиката и наметна една силна тема за дијалог, за егзилот – за прогонството на невиното население од војните и страдањата и пораката „Да запре целото страдање !“

Дума.мк : Како ви се допадна реакцијата од публиката во Велес?

Рафика Чавише: „ Имаше супер енергија меѓу публиката во Велес, додека  глумев постојано ја чувствуваш нејзината енергија што за мене како актер е многу важно. Почувствував дека публиката е дел од сцената  и видов дека од мојата претстава и изведба, отвори дијалог на темата.“

Дума.мк:  Кои се твоите очекувања од европската турнеја што ви претстои со претставата?

Рафика Чавише: „Следната моја станица е  Словачка, потоа ќе одам и во Германија, Англија, а потоа и во Грција. Оваа изведба во Велес, беше почеток на таа голема европска турнеја.“

Дума.мк: Дали по велешката изведба на претставата нешто се променило на подобро во светот, во врска со војните и егзилот?

Рафика Чавише: „За нешто  да се промени на тој план потребни се  многу години. За тоа не е потребна само театарска претстава, потребен е ангажман од луѓето кои раководат  со државите. Театарот ја има таа мисија да отвори дијалог и прашања.“

Дума.мк Во оваа претстава Вие ја претставувате болката на жената, за разликата од античката претстава, каде Агамемнон е претставен како херој?

Рафика  Чавише: „Преку оваа претстава  многу важно е што  се отвори дијалогот за грчката трагедија, за патријахалните системи на насилство во кои доминира мажот, кој прави илузија на мирот. Да потсетам дека  во грчките трагедии гледаме многу жени кои се малтретирани од мажите. Да уништиш нација за моќ, пари, алчност, тоа е започнато уште од античка Грција. Грчките трагедии ја даваат рамката за политичкиот контекст и важно е да се види корелацијата со денешните случувања. Невино население страда, се убиваат деца, жени и стари лица. Во војните за жал, деца се убиваат, тие се гладни и умираат од глад, а  водачите се прават херои и мислат дека не спасуваат. Но тие не’ не спасуваат,  тоа е само фигуративно“.

Дума.мк: Дали кога ја подготвувавте претставата имавте средби со жртви или можеби и  вие имате жртви во семејството?

Рафика Чавише: „ Мојот татко е од  Сирија.Тој и дедо ми  добија политички егзил и  беа избркани од својата татковина. Мојот вујко беше во затвор и ние ништо не знаевме за него, за жал мислевме дека е мртов.  Но после 50 години некој ни тропна на врата и на наше големо изненадување, тоа беше вујко ми. Јас работев во организација за помош на  бегалци, бев во камп за бегалци и ги гледав сите нивни страдања. Мојот татко не бил во Сирија 60 години, а и јас не сум била затоа што сум  дете на политички азиланти и не ми е дозволено, да влезам во Сирија. За жал тоа е голема болка, тоа е болката на сите луѓе кои се во егзил и кои страдаат  и неможат да се вратат во својата татковина,“ рече на крајот од разговорот младата актерка.

А.Д.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.