Домот на културата од Кавадарци ја носи „Пепелашка“ пред битолската публика

Објавено: 6 август, 2025, во 10:31 часот

Најубавата бајка за деца добива нова магија – овојпат на сцената на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“ во Битола. Детската претстава „Пепелашка“, во режија на Микица Илова, која доаѓа од Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, вечерва ќе биде изведена како специјален гостин на фестивалот.

Со почеток во 19 часот, младите кавадаречки актери ќе имаат ретка можност своето сценско знаење и талент да го претстават пред интернационална фестивалска публика и колеги од други професионални детски театри. „Пепелашка“ е топло прифатена во Кавадарци, а сега се подготвува да ги освои и срцата на најмладите битолчани.

Претставата е современа адаптација на познатата бајка, со свеж пристап, оригинална сценографија и впечатливи костими, а сето тоа изведено со огромна посветеност и креативност од младата актерска екипа.

Од Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ велат дека се посебно сме горди што „Пепелашка“ е поканета како почесен гостин на фестивалот.

-За нас ова е потврда дека вложувањето во младиот театарски кадар, како и поддршката од новото раководство, веќе даваат резултати. Им посакуваме на актерите успешен настап и многу аплаузи, велат од Дом на култура „Иван Мазов – Климе“.

Овој настап доаѓа по едно од најуспешните креативни лета за кавадаречкиот театар. Секоја нова продукција ја носи со себе енергијата на обновениот тим, нови идеи и поддршка од заедницата, што повторно ја позиционира Кавадарци на културната мапа на Македонија.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.