Голем интерес за Меѓународниот стрип конкурс „Велес 2024“
Како дел од традиционалниот стрип салон на меѓународно ниво, стрип центарот на Македонија – Велес, од месец февруари го објави интернационалниот стрип конкурс „Велес 2024 Златен стрип“. Како што известува програмскиот координатор , Томе Трајков се повеќе се развива комуникацијата со основните и средни училишта од сите општини од државата, како и приватните училишта и студија.
-Интересот е голем и потврдува дека учениците се свртуваат кон стрипот. Наставниот персонал, израснат во период на голем интерес за 9та уметност кај нас, во тоа ги поттикнува. Се свртуваме кон сите средини пред сè етнички, овозможувајки искажување на својот мајчин јазик“,Да потсетиме дека овој стрип конкурс трае до 01.08.2024, вели Трајков.
Тој потсетува дека во Хрватска стрипот се изучува факултативно во училиштата, а во Бугарија е дел од високото образование.
-Кај нас малку работите се придвижија во насока тој да стане дел од формалното образование, барем во дел од часовите по ликовно. Но, тој не се изучува како посебен предмет ниту во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје ниту на Ликовната академија. Како иницијално јадро се младите кои се школуваат тука и веќе наголемо учествуваат на разни стрип конкурси и фестивали во земјата и странство, додава Трајков.
Значењето и реномираноста на Стрип салонот во Велес како традиционален стрип фестивал се потврдува и преку зголемениот интерес на меѓународно ниво. Трајков завршува дека Македонскиот стрип центар континуирано ја збогатува интернационалната стрип соработка, за што домашната јавност е доволно запозната.
Стефани Манева