Издумани Крлевизми: „И вештачката интелигенција е самобендисана. За себе кажува сѐ најубаво“

Дождливиот ден нека ви биде повод за насмевка! Ви ги претставуваме најновите 10 Издумани Крлевизми – свежи и духовити мисли од велешкиот афористичар Атанас Крлевски. Познат по својата способност да ја погоди суштината со една реченица, Крлевски ни нуди саркастичен, но реален поглед кон секојдневието, политиката, општеството и човековата природа. Уживајте:
-Примам терапија за паметење. Кога не заборавам.
-Во сивито му ги пишува двете дипломи, ама го испуштил зборот– купени.
-И вештачката интелигенција е самобендисана. За себе кажува сѐ најубаво.
-Поголема мотика – помала плата!
-И јас понекогаш сум прв. На семафор.
-Се оженив за првата. Брзо ми се појави желба за втора.
-Крупните ѕверки не успиваат со најубави бајки.
-Во љубовниот триаголник на еден агол краците му се рогови.
-Нашето селско училиште е чудо. Има еден ученик, а пет наставници.
-Нула од човек, а има конто со многу нули.
Афористичар Атанас Крлевски
Дума.мк
