Коки: „Поради една кожена чанта, некои жени се во состојба на своите мажи да им ја одерат кожата“
Објавено: 4 ноември, 2024, во 11:30 часот
Афористичкиот поздрав на Никола Бошковски Коки за читателите на Дума.мк, за оваа седмица, ги содржи следниве афоризми:
„Недостигот на бесплатни вакцини против појавата на сезонскиот грип, ги присили луѓето да прибегнуваат кон алтернативни средства: многумина започнаа да се „имунизираат”со варено вино и ракија.“
„Беше тоа љубов на прв поглед, кога се венчаа веќе беше доцна подобро да се загледаат.“
„Политичките води мируваат се дотогаш, додека некој недоветен политичар со својата неукост и ароганција не започне да ги бранува.“
„Поради една кожена чанта, некои жени се во состојба на своите мажи да им ја одерат кожата.“
„Некои нутриционисти вложуваат голем труд и драгоцено време, кога се обидуваат да ги мотивираат луѓето, да започнат да консумираат…добиточна исхрана.“
„Импотентните луѓе се во поголема предност од ќелавите: помалку се забележуваат.“
„Покрај некои одбрамбени фудбалери, противничките навални играчи можат единствено да поминат…на носилка.“
Вашиот КОКИ


