Кавадарчани уживаа во театарска претстава и ликовна изложба на Иван Сулевски
Кавадаречката културна есен продолжува со богата понуда за љубителите на културните настани. Синоќа во Кавадарци гостуваше прилепскиот народен театар со хит претставата „Три варијации на иста тема“, а беше отворена и самостојна изложба на ликовниот уметник Иван Сулевски од Штип.
Публиката имаше можност да ужива во урнебесната комедија која е режирана од Коле Ангеловски. Во претставата учествуваат одбрани и проверени актерски имиња од ансамблот на прилепскиот театар кои предизвикаа аплаузи и смеа. Дејството на преставата е работено според текст со три варијации на една иста тема. Првиот дел е „Викендичка“, вториот „Триипол милијарди жени“ и третиот „По олукот надолу“.
Со самостојна изложба синоќа по трет пат во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ се претстави ликовниот уметник од Штип, Иван Сулевски. Тој припаѓа на третата генерација македонски сликари, припадници на модерната уметност. Иако во осмата деценија од животот, Сулевски е многу плоден автор кој на кавадарчани им претсатви дел од најновотот творештво составено од слики изработени во техника акварел./А.Д