(Видео и фото) Отворена изложбата „Работ на зборовите“ во Европска куќа Велес
Објавено: 21 јули, 2023, во 15:04 часот
Europe House Велес, најновото катче на Europe House мрежата во нашата земја, вчеравечер го одржа и првиот настан, изложбата насловена „Работ на зборовите“ која на присутните им понуди визуелно прикажување на моќта и ограничувањата на јазикот.
Домаќини на овој настан беа евроамбасадорот Дејвид Гир и г-дин Пол Бушотс, а меѓу гостите беше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Изложбата, курирана од Дијана Томик Радевска, ги прикажа креативните дела на Славица Јанешилева, Оливер Мусовиќ, Нехат Беќири, Александра Петрушевска Ристовска, Анета Попова и Стефан Младеновски, кои дадоа уникатна перспектива на темата на зборовите и комуникацијата.

Настанот беше мешавина од креативност и дијалози и ја отслика посветеноста на Europe House за поттикнување дискусии преку креативноста и универзалниот јазик наречен уметност.
Програмата беше збогатена и со слем поезија од делата на Кочо Рацин во изведба на Марија Грубор и Филип Букршлиев.


Europe House Велес, пред неполн месец им се приклучи на мрежата на модерни центри на Europe House низ земјата, како што се тие во Скопје, Струмица, Крива Паланка и Битола, и кои се креирани да го зајакнат гласот на младите во општеството, охрабрувајќи ги да играат поголема улога во идентификувањето и справувањето со предизвиците. Овие центри се концептуално дизајнирани за да служат како збирно место за поттикнување дебата и соработка.
Дума.мк


