Вечерва започнува 22 издание на Меѓународниот салон на стрип „Велес 2025“

Објавено: 20 август, 2025, во 10:19 часот

Со свечено отворање во просториите на Јуроп хаус – Велес, вечерва официјално започнува 22 издание на најзначајната стрип-манифестација во земјава – Меѓународниот салон за стрип „Велес 2025“. Настанот годинава бележи рекордна посетеност и интерес од домашната и меѓународната стрип-сцена.

На отворањето ќе се доделат награди, признанија и дипломи за најдобрите дела пристигнати на годинешниот меѓународен стрип-конкурс. Од вкупно 396 пријавени автори од целиот свет, дури 164 се од Македонија – што претставува рекордна бројка во историјата на салонот.

-Жирито веќе ја заврши својата работа, а неизвесноста ќе расне до вечерва во 20:00 часот, кога во Јуроп Хаус Велес ќе се прогласат најдобрите. Инаку, активностите продолжуваат во следниот ден, кога ќе започне вториот сегмент на салонот, а тоа е седма по ред стрип колонија. Од 21 до 24 август во излетничкото место Нежилово стрип автори од разни генерации од Бугарија, Србија и Македонија заеднички ќе творат свои стрипови, соопшти Томе Трајков, еден од координаторите на овој проект.

Организатор на салонот е Стрип-центарот на Македонија, а манифестацијата се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, Општина Велес, Јуроп Хаус – Велес и македонската стрип-заедница.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.