Во велешката библиотека одбележани 100 години од раѓањето на Ацо Шопов
Ацо Шопов е еден од основоположниците на современата македонска поезија, кој се вбројува во редот на најеминентните поети на југо – источна Европа во 20 век. По повод 100 години од неговото раѓање, денеска, во медијатеката на Локална библиотека „Гоце Делчев“ се одржа настан во соработка со Националната установа – универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ од Штип, на којшто присутните имаа можност да слушнат нешто повеќе за животот и делата на Шопов.
Директорката на велешката библиотека Снежана Бошевска ги поздрави присутните и рече дека и претставува особена чест што во библиотеката се одбележува годишнината од раѓањето на овој великан.
-Се надевам дека со овој културен настан ќе допринесеме за културно и образовно надградување кај сите ученици и млади. Сметам дека сите културни и образовни институции треба да продолжат да соработуваат и да се организираат настани. Целта ни е да допреме до сите млади, овој пат преку стиховите на нашиот великан Ацо Шопов. Денеска сите ќе дознаат нешто повеќе за него, додаде Бошевска.
-Ацо Шопов е наш роднокраен поет којшто денеска ќе го претставиме пред вас , младите од градот на Рацин. Книгата и поезијата се тие коишто градат трајни вредности, мостови на трајни пријателства. Библиотеките не само што ги чуваат и позејмуваат книгите, наша задача е и да ги промовираме, да ги доближуваме до вас читателите и на овие значајни личности коишто оставиле трајни белези, рече Соња Манева библиотекар за афирмација и популаризација на книгата.
Сите љубители на делото на великанот на поезијата имаа можност да слушнат и дел од неговите песни прочитани од страна на ученици од сите средни училишта во градот.
Потоа, средношколката Антонела Митева којашто е почитувач на ликот и делото на Шопов, ја презентираше својата изработена „галерија за Шопов“ преку која беа прикажани разни фотографии од него, манифестации на коишто учествувал како и неговите поетски патеки.
Овој настан е организиран во рамки на проектот „Денови на Шопов“ од годишната програма за работа подржан од Министерството за култура.
Стефани Манева