Невладиниот сектор во обид да ги анимира младите да гласаат!
Под мотото “Гласај нека те слушнат“ невладината организација “Зона“ од Кавадарци заедно со коалицијата на невладини организации “Сега“ реализираше акција на градскиот плоштад за анимирање на младите во локалните избори.
Целта на капањата на невладиниот сектор е што повеќе млади да излезат на гласање и да одлучат кој треба да ја води општината во наредниот период. Акцијата беше подржана речиси од сите учесници во изборната трка во Кавадарци.
“Ова е втора компонента од проектот “Поттикнување на младинското учество во политички процеси“. Сакаме да ги поттикниме младите да излезат на гласање, затоа што тоа е нивно уставно право. Тие не се доволно мотивирани да излезат на избори. Не би сакале нивниот глас, кој е важен, да биде злоуптотребен. Ги повикавме сите кандидати за градоначалници и советнички листи да се дружат со младите и да им кажат што ќе направат за малдите“ рече Даниел Уневски, еден од координаторите на проектот.
“Прифатив да бидам дел од ваа акција за да охрабриме поголем број наши сограѓани да излезат на гласање. Излегувањето на избори и гласањето дава одлична шанса народот да го каже мислењето за актуелната ситуација. Колку повеќе наши сограѓани ќе излезат и гласат толку помали се шансите за изборни манипулации“ рече кандидатот за градоначалник од “Сојзуот за иднината“ Бетиан Китев.
Повик до младите да го искористат правото на глас упатија и носители на советнички листи. Според Ташо Радњански, носител на независна советничка листа, историски гледано со векови наназад младите се тие што ги променувале работите.
Ѓорѓи Бебеџаков, носител на независна советничка листа рече дека идниот градоначалник и совет мора да направат подобри услови за живеење на младите и можност за нивно вработување, со цел да запре трендот на напуштање на сопствената држава.
“Сите граѓани на општина Кавадарци на 24 март да излезат на гласање. Истото треба да го направат и младите. Не треба да се остави други да ослучуваат за нас“ порача кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Панов./ А.Д
