Коцевски: Велес ќе се гасифицира!
Освен гасификацијата во 20 приоритетни проекти на кандидатот за градоначалник на коалицијата „Сојуз за иднината“ Аце Коцевски се и изградба на училиште и дом за стари лица во населбата Тунел, изградба на домови за граѓаните од Рамина чии куќи настрадаа од земјеното свлечиште , изградба на трговско-деловен центар на градскиот пазар, дво етажна катна гаража на локацијата централно градско пазариште, изградба на регионална фабрика за собирање и рециклирање на цврст комунален отпад како и нова индустриска зона во Караслари. Тие се дел од вкупно 90 проекти и подпроекти со кои Коцевски по трет пат ја бара довербата на велешани.
„Дел од сретствата за реализација на овие проекти ќе бидат обезбедени од буџетот на општина Велес, дел по пат на јавно приватно партнерство и голем дел од проектите ќе се финансираат од Европската унија од програмата ИПАРД и програмата за преку гранична соработка. Се надевам дека ќе обезбедиме дополнителни сретства по пат на донации. И сретствата од централната власт се секогаш добредојдени,“ рече Коцевски.
Тој најави дека од утре на прес конференции подетално ќе ги образлага проектите.
За подигнување на квалитетот на живеење на граѓаните, Коцевски, рече дека нуди проекти како што се прибирање и канализирање на атмосферската водата од повисоките делови на Велес, изградба на надвозник од Младински парк до спортската сала, реконструкција на градскиот стадион со изградба на трибини, како и замена на азбесните покриви и водоводни мрежи со нови во градинките и вградување на нови фасади кои ќе придонесат за максимална заштеда на топлинската енергија.
Кандидатот за градоначалник на СДСМ рече дека програмата е пишувана во изминатите седум месеци, од лани во јуни до сега и во неа се содржани брања и предлозите на вкупно 11.600 семејства анкетирани во велешко.
На крајот Коцевски се осврна на изградбата на хидросистемот Лисиче во која рече дека учествуваа и велешани издвојувајќи пари преку самопридонеси.
Тој за проектите на политичките конкуренти како што се реконструираните градска и болницата во Јасеново како и изградбата на новата театарска зграда рече дека се градени со државни а не со пари од буџетот на општината.
Коцевски смета дека кампањата на ВМРО ДПМНЕ била агресивна и обвини дека врз лекари во болницата бил вршен притисок да издаваат потврди за лица кои на денот на изборите не можат да излезат и гласаат./Б.Н