Коцевски: „ Го канам Чадиев на ТВ дуел“!
Изградба на собирни канали за атмосферски води во повисоките делови на градот, на пешачки надвозник од Младински парк до спортска сала „Гемиџии“ преку гевгелиска и штипска пруга, на нов паркинг на две нивоа, подземно и надземно во центарот на градот, довршување на фекалната канализација во село Горно Оризари, на водоводна линија од Велес до село Бузалково, како и на пат од Велес до село Сливник, се дел од приоритетните комунални проекти на кандидатот за градоначалник на Велес,Аце Коцевски.
„Предизвикот е голем. Во минатите четири години заради негрижа на градоначалникот г-динот Горан Петров и мнозинството во советот предводено од г-динот Славчо Чадиев комуналната инфраструктура е многу запуштена. Машина за асфалтирање на улици не е влезена во Велес цели две години. Во сите наши средби, голем број граѓани јавно го изразуваат своето незадоволство. Не само од тоа што ништо или многу малку е направено во нивните улици, маала или села, туку затоа што е предолг списокот на места каде што господата Петров и Чадиев воопшто и не се појавиле. Јавно го поставуваат прашањето каде, како и за што ги трошеа парите од буџетот, кога резултати нема, кога толку малку е направено,“ рече Коцевски.
Тој ја побара довербата на велешани и вети дека со чесна и одговорна работа, домаќинско и наменско трошење на парите од буџетот ќе го надомести изгубеното.
Коцевски соопшти дека со тротоар ќе го поврзе Велес со населбата Превалец каде ќе се доизгради и фекалната канализациона мрежа, ќе го доврши патот до село Ораовец, ќе ги поправи локалните патишта до помалите села Слп, Белештевица, Карабуњиште, Р`левци, Рудник, Крушје и Сопот како и реконструкција на патот од Мамутчево до Иванковци.
Најави и изградба на монтажна катна гаража во Велес на локација до централниот градси пазар, мост над битолска пруга и сообраќајна студија за воведување на нов сообраќаен режим во градот.
„Со формирање на силен тим од млади, амбициозни луѓе, кои знаат странски јазици и ги познаваат институциите на ЕУ ќе подготвиме многу добри проекти за да повлечеме што повеќе средства од предпристапните фондови и фондовите за прекугранична соработка на ЕУ,“ рече Коцевски.
Тој на крајот го покани на телевизиски дуел против кандидатот од ВМРО ДПМНЕ Славчо Чадиев, на телевизија и време, што тој би ги избрал бидејќи смета дека велешани сакаат да видат директно соочување на двајцата кандидати за градоначалник на Велес./Б.Н
