Бетиан Китев: “ Иднината на Кавадарци ќе биде во сигурни раце“!
“На митингот истури дожд, на оваа промоција врне снег. Ви требаат ли уште докази кој е победникот во Кавадарци“, вака кандидатот за градоначалник на Кавадарци од Сојузот за иднината, Бетиан Китев го започна вечерашното обраќање на промоцијата на изборната програма пред своите сограѓани. Многу често прекинуван со аплаузи и скандирања на неговото име од присутните на промоцијата.
“Ќе го вратам нормалниот тек на животот во Кавадарци за да не го напуштаат младите својот град. Првиот момент ќе го искористам за намалување на сметките за вода, а ЈП Комуналец ќе го направам сервис на граѓаните. Целосно ќе се заложам да го вратам спортот во градот, да се обноват младинските школи за спорт. Со фудбалскиот клуб “Тиквеш“ пак ќе се гордееме. Навивачката група лозари ќе има посебен третман како што тоа го имаат сите навивачи на големите тимови. Целосна гасификација со сите јавни претпријатија и основни и средни училишта, покриен и модерен градски зелен пазар за да не мрзнеат пазарџиите во зима,катна гаража за 150 возила и паркинг за тешките возила,“ ова се дел од ветувањата од изборната програма што Китев им ги испорача на своите сограѓани.
Вети дека ќе со изборот за градоначалник ќе создадел иднина за Кавадарци и ќе го запрел секојдневното иселување на младите кои поради лошата економска состојба биле приморани да посегнат по бугарски пасош и да ја напуштеле државата.
“Нема институција која во овој момент не ја користи својата сила за притисок врз граѓаните. И покрај стравот тука сте за да упатите јасна порака дека не се плашите. Крајот на власта на ВМРО-ДПМНЕ е на 24 март и ќе заврши во првиот круг. Не треба народот да се плаши од силата на Груевски, туку тој треба да се плаши од силата на народот. Зад параван никој не знае за кој сте гласале. Казни, закани и уцени, тоа е белегот на седум годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе го казниме кандидатот на Груевски, а со тоа ќе му пратиме и нему јасна порака“ рече Китев и презентира статистички податок дека иако владата се рекламирала на телевизија со субвенции пропаѓало лозарството во земјава.
“Статистичките податоци покажуваат дека последната влада на СДСМ во 2006 година оставила 240 илјади хектари со лозови насади во Македонија, а сега имаме двојно помалку или 110 илјади хекатри,. За какви субвенции зборуваат. За какви дела говорат. Секој месец се земаат кредити за да се исплатат плати и пензии. Секој месец се трупаат нови долгови. Слушнав една мудра изрека, ако немате земено кредит не се грижите, Груевски земал за вас. Ја преплавија администрацијата со нивни кадри, барем тој кадар да е образован и да има регуларно добиени дипломи“ рече Китев и го повика неговиот против кандидат од ВМРО-ДПМНЕ Александар Панов на тв дуел за да покажеле пред граѓаните кој навистина поседувал капацитет за татко на општината.
Беше претставена и советничката листа на “Сојузот за иднината“. Носителот, Зоранчо Бањански рече дека макотрпно ќе се посветат на подобрување на состојбите и приликите во општината. Немало да се сликаат на телевизија за асфалтирани улички од по 50 метри и за пуштање на фонтани. Нивниот градоначалник и советници ќе биле фокусирани на развој на економијата./ А.Д
