Црвенковски од Велес : На претстојните избори Вие ќе одлучите, Вие со Вашиот глас наградувате или казнувате!
После седум години апсолутна власт на Никола Груевски и фамилијата, важно е во какви општини живеете но уште поважно е во каква држава живеете им рече на велешани ,вечерва од предизборниот митинг на коалицијата Сојуз за иднината, лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.
“Кога е погрешен и погубен генералниот курс на земјата, тогаш нема локална власт која може да го исправи. Ако секој од вас ги дефинира најголемите проблеми кои ве тиштат вас, вашите семејства ќе видите дека тие се поврзани со централната власт. Сиромаштијата, невработеноста, скапотијата, скапото и растурено здравство, уништеното образование , силеџиството, криминалот , корупцијата, газењето на слободата и демократијата е грдото лице на Македонија во која 24/7 функционираат нивните пералници на пари и на човечки мозоци “, рече Црвенковски.
Тој ги повика велешани на 24 март да придонесат за двојна победа и порача дека кандидатот за градоначалник на Велес од здружената опозиција, Аце Коцевски, е синоним за чесност, скромност, одговорност и е вистински избор и гаранција за напредок на градот и општината.
Народот е поделен, општеството партизирано, цветаат криминалот и корупцијата а 300 илјади граѓани ја напуштија земјата по подобра егзистенција, рече пред велешани кандидатот за градоначалник на здружената опозиција, Аце Коцевски.
“ Општината го изгуби приматот на најдобра општина. Инвестицијата Драјмлер Крајслер наместо во Велес заврши во Кавадарци.
Овде како времето да застана.Тоа и членовите на ВМРО ДПМНЕ го знаат. Затоа и ми даваат поддршка. Знаат дека нашиот револт не е насочен кон нив туку кон аздисаната власт“ рече Коцевски.
Тој вети дека ќе биде градоначалник на сите граѓани, дека парите од буџетот ќе бидат користени наменски, дека со својот тим, членовите на Советот на општината и администрацијата вредно ќе работат во интерес на граѓаните и општината.
„ Во овие 4 години Велес виде каква грешка направи, еве шанса да ја исправат и да го вратат Аце Коцевски градоначалник на Велес.Се што е организирано, создадено е од Коцевски,“рече Тито Петковски, лидерот на НСДП.
„Тука сум од името на ВМРО-НП, од името на изворното ВМРО, од десницата, да ве повикам да гласате за Аце Коцевски. Тука сме левица, десница и центар, масовно да го дадеме својот глас. Украдената победа на Аце Коцевски пред 4 години да му ја вратиме сите заедно“ рече Љубчо Георгиевски. претсеадтел на ВМРО-НП.
И Сојанче Ангелов, лидерот на Достоинство ги повика припадниците на полицијата, Армијата, резервниот состав, вистинските ВМРО-вци да го дадат гласот за кандидатите за градоначалници и за членови на Советите на општините на Сојузот за иднината бидејки било договорено решение за бранителите и за професоналните војници кои останаа без работа.
