Кандидатот за претседател на СДСМ денеска е на средби со тиквешани
Претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски денеска оствари средби со жителите на Тиквешијата, а за вечерва со почеток во 19 часот е закажан централниот митинг во Кавадарци.
Пендаровски на средбите со жителите на Кавадарци и Росоман истакна дека ќе се залага за слободна Македонија, за подобрување на економската состојба со отворање на нови работни места, како и за запирање на процесот на иселување на македонските граѓани.
Тој најави дека ќе ги искористи можностите што му ги дава претседателската функција за да се надминат проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
„Како претседател ќе бидам активно вклучен во решавањето на проблемите на граѓаните. Претседателот на државата со својот авторитет може да учествува во промена на состојбите во државата на подобро, да поттикнува нивно решавање и јас тоа ќе го правам“, рече кандидатот за претседател на СДСМ, Пендаровски во Росоман.
Побара подршка од граѓаните, за како што рече заеднички да ги променат работите. Вети дека ако ја добие подршката од народот ќе сторел се` во Македонија да се живее многу подобро.
Според агендата Пендаровски ќе оствари средби и со жителите на Градско.
